Освен што се топи, Арктикот е прилично недопрена природа. А водата од недопрена природа во денешно време се цени повеќе од било кога. Една норвешка компанија сака да го искористи ова, па продава вода од висока класа, добиена со топење на мразот. Конкретен таргет ѝ се муслиманските земји.
Полека но сигурно, обичната вода за пиење станува луксузна роба. Неодамна, според едно истражување на американскиот пазар, флашираната вода за прв пат ја надмина продажбата на засладени пијалоци. Другите анализи на пазарот велат дека тоа уште не се случило (зависно од тоа како организацијата што анализира ги класифицира пијалоците), но ќе се случи до крајот на годинава.
Па, во услови кога флашираната вода е во зенитот на популарноста, водата што доаѓа од уникатни извори или поседува нетипични квалитети има уште подобри шанси за успех на пазарот, особено што новиов норвешки бренд Svalbard сака да ги освои срцата на екстравагантните богаташи од Блискиот Исток, на кои не би им било проблем да платат по 100 долари од шише.
Човекот зад бизнисов е Џамал Курешибо – американско-норвешки претприемач и поранешен аналитичар на Волстрит. Идејата му дошла додека одмарал на еден од островите од архипелагот Свалбард.
„Високата цена одразува значајност, добра приказна и ексклузивност, со оглед дека Svalbard – која се произведува и полни на 79-тата северна паралела, очигледно не е само уште едно обично шише флаширана вода“, истакнува Џамал.
„Инаку, во водата од глечерите нема ништо посебно што би ја издвоило од другата вода. Сакаме да сме искрени по тоа прашање и не сакаме некого да измамиме“, вели коинвеститорот Терје Оневик.
Според него, водата од висока класа моментално е еден од најбрзорастечките сегменти на пазарот со пијалоци на светот. Сепак, за скапите производи се потребни купувачи што ќе можат да си ги дозволат – затоа и фокусот на пазарот на муслиманските земји.
Постојат околу 1.5 милијарда муслимани во светот, кои во основа не пијат алкохол. Тоа се многу потенцијални купувачи и голем пазар за безалкохолни пијалоци кои можат да се користат за специјални прилики, истакнува Оневик.
Фред Селнес – експерт за маркетинг на Норвешката бизнис школа ја објаснува логиката на продажба на луксузни производи:
„Тоа се симболи кои им се продаваат на купувачите кои сакаат другите да ги забележат. Тие сакаат да им кажат на своите пријатели: ‘Види што можам да си дозволам’. Кога имате многу пари, трошоците всушност не се важни“.
Па, се чини дека водата Svalbard има добри перспективи. Мал проблем е што се најде на удар на еколошките активисти. Главната критика, освен околу етиката на богатењето од продажба на вода од недопрени предели во време кога милиони живеат без пристап до вода за пиење, се однесува на тоа што само едно од пет шишиња на брендот завршува на рециклажа. Од друга страна, компанијата (со седиште во Лонгјир – главниот град на Свалбард) – која и досега флашираше вода, работи на принцип на нулта емисија на штетни гасови, а наводно поддржува и голем број проекти за заштита на животната средина. Меѓу нив и напори да промовира пристап до чиста вода во Уганда, така што еколозите веројатно брзо ќе ѝ прогледаат низ прсти.