Врз основа на двонеделните анализи на експертите, Комисијата за заразни болести на денешниот состанок утврдила дека во оние градови кадешто имаше значајно зголемување на инциденцата, а со тоа и оптоварување на здравствените капацитети, сега има одредено намалување, информираше министерот за здравство Венко Филипче.
Такви градови се Валандово, Крушево, Кавадарци и Прилеп. Иако во овие градови, како што рече министерот, сѐ уште има значаен број на хоспитализирани пациенти, а има и зголемување на инциденцата во Скопје, посебно во Гостивар и во Велес, Комисијата за заразни болести донела заклучок дека актуелните мерки, односно рестрикцијата на движењето од 22 до 5 часот, треба да остане на сила, но дека нема да се надополнува со нови.
Како што додаде Филипче, дефинитивните резултати се очекуваат кон крајот на оваа недела, викендот или по него, а врз основа на тоа за евентуални нови мерки ќе се зборува на следниот состанок на КЗБ на почетокот на следната недела.
„Во меѓувреме сме подготвени да ги изменаџираме сите други активности во однос на болниците, капацитетите, сместувањето и префрлањето на пациентите“, истакна министерот за здравство.