Комисијата за заразни болести одржа состанок, не препорача нови рестрикции

Комисијата за заразни болести денеска одржа состанок, но не  препорача нови рестриктивни мерки, потврдија од Министерството за здравство.

Наместо нови мерки, остсанува апелот за целосно и доследно почитување на оние кои веќе се на сила, вклучително и забраната за јавно групирање на повеќе од 4 лица по 21 часот.

На состанокот во четвртокот, Комисијата за заразни болести реши за евентуални нови рестрикции да одлучува денес, за да даде време да се утврди дали мерките кои се на сила даваат резултат. Здравствените власти веруваат дека тоа е случај и ќе се види наскоро.

„Генерално, впечатокот е дека има помала раздвиженост во градовите, заради што и се очекува да има намален број на новозаразени со корона вирусот. И во болниците има сѐ уште места за болните на кои им треба хоспитализација. Денеска не препорачуваме построги и порестриктивни превентивни мерки“, велат извори од КЗБ  за „Фактор.мк“.

Деновиве, пак, министерот за здравство Венко Филипче изјави дека се потребни барем две недели за да се видат извесните резултати од актуелните мерки.

Во меѓувреме, Комисијата продолжува секојдневно да ја следи ситуацијата, за која дел од членовите сметаат дека не е најдобра. Тие се на мислење дека најсоодветна мерка би била од 21 часот навечер до 5 изутрина да нема движење на граѓаните.

- Реклама -