Колумна на Марјана Дода: „Ехото на иредентизмот и бугарското малцинство на Балканот“

Познатата албанска новинарска, Марјана Дода, основач и главен и одговорен уредник на порталот „Аргументум“, кој третира прашања од геополитиката, во колумна „Ехото на иредентизмот и бугарското малцинство на Балканот“ се задржува на Бугарија, која, како што оценува знае добро да ги сокрие своите историски „апетити“, признавањето на бугарско малцинство под закани од страна на Албанија, за непризнавањето на македонско малцинство во Бугарија и покрај судските одлуки од Стразбург, па се до пописот во Албанија и „пасивниот однос на македонските власти на поплаките на претстваниците на Македонците“.

„Ехото на иредентизмот и бугарското малцинство на Балканот“

Пишува: Марјана Дода

Балканот историски бил регион со интензивен геополитички интерес и конкуренција. Неговата историја е исполнета со етнички и верски конфликти, каде војните и поделбите создадоа длабоки поделби меѓу етничките групи.

Политичарите често ги користат етничките прашања за политичка корист, поттикнувајќи поделби и недоверба за да ја консолидираат својата моќ. Меѓутоа, во последните години гледаме дека некои земји од регионот ги остваруваат своите историско-политички цели дури и под превезот на евроинтеграциите. Конкретен пример е Бугарија, која како членка на Европската унија го искористи стремежот за европска интеграција како средство за обезбедување на своите интереси во регионот. Во име на заштитата на правата на малцинствата и напорите за зачувување на етничкиот идентитет, се создаваат нови тензии и предизвици за регионална интеграција и соработка.

Всушност, малцинствата според мене се мост меѓу две земји и два народи без разлика каде се наоѓаат, или барем треба да биде, бидејќи тие го имаат целиот потенцијал да дејствуваат како вистински амбасадори како мост меѓу народите, да промовираат меѓукултурно разбирање и соработка.

Меѓутоа, како што ни покажа поновата историја на Балканот, малцинствата можат да станат извори на тензии и конфликти.

Балканот, исто така, беше силна арена за иредентизам поради мешавината на етнички групи и различните национални интереси. Од 19 век, неколку балкански народи се обиделе да се прошират на територии населени со слични етнички народи. На пример, српските националисти бараа територии поради етнички сличното население.

Во некои други случаи, надворешната политика на земјите е поврзана со историски аспекти и тие ги гледаат овие територии како места каде што можат да го прошират своето влијание, како што е Турција, која иако помина долг период од отоманското владеење на Балканот, сè уште го чувствува влијанието на ова наследство и се обидува да го задржи своето влијание во регионот. Исто така, Грција има аспирации поврзани со наследството на Александар Велики, иако неговите траги не се совпаѓаат целосно со хеленската митологија, но од друга страна не ги исполнуваат желбите на денешните Македонци.

Како и да е, да застанеме кај Бугарија, која знае добро да ги сокрие своите историски „апетити“.

Со години напорно работи на промовирање на малцинствата во регионот, што ме тера да мислам дека надвор од интересот за малцинството на Балканот, Бугарија може да има интереси и да ги нагласи историските врски и да се занимава со претходните прашања поврзани со територијалните промени и геополитичките влијанија во регионот.

Овој дипломатски интензитет во името на бугарското малцинство го видовме во Албанија, кое ја постигна својата цел да стане деветто малцинство.

Мора да се каже дека Бугарија и Албанија одржуваат дипломатски односи кои се карактеризираат со блиска соработка и пријателски односи. Сепак, Албанците не забораваат дека бугарското вето против Северна Македонија влијаеше и на блокирањето на напорите на оваа земја за пристапување во Европската унија. (Ветото наметнато од Бугарија пред неколку години беше насочено кон барањето за вклучување на бугарското малцинство во Уставот на Северна Македонија, што сè уште претставува главна формална пречка за започнување на преговорите за членство на земјата во ЕУ.)

Тврдењата на Бугарија во однос на малцинствата во регионот зависат од историскиот и политичкиот контекст. Додека историчарите и научните академици сè уште не излегле со факти и документи за јасно да го дефинираат прашањето за малцинствата во нашите земји, политичарите се тие кои ја пополнуваат оваа празнина според нивниот апетит и политички интерес.

Тврдењата на Бугарија за малцинствата трескавично повторно се разбудија, особено по нејзиното членство во Европската унија, каде што различните малцинства кои живеат долж границата во Албанија, Северна Македонија и Србија, беа намамени со бугарскиот пасош, кој им овозможи да заминат во ЕУ. Исто така, Бугарија го искористи своето влијание во Европската Унија за да ги реши прашањата на малцинствата и да обезбеди заштита на нивните права во регионот. Тоа беше направено во рамките на напорите за проширување на ЕУ и интеграција на другите земји од Западен Балкан.

Но, да не станеме „заговорници“ и да ја гледаме оваа поддршка на Бугарија за малцинствата како позитивен пример за тоа како Бугарија е земја која ја почитува и поддржува културната различност.

Јас целосно би верувал во такво нешто, доколку Бугарија навистина ги признаваше и почитуваше малцинствата кои се во Бугарија.

Напротив, таа го признава турското малцинство, можеби поради фактот што Турција има економско и политичко влијание и Бугарија нема корист од војната со Ердоган, но Бугарија не го признава македонското малцинство, кое се состои од илјадници македонски граѓани кои живеат претежно прекугранично со Северна Македонија. Заедница признаена и од меѓународните судови, но не и од Бугарија.

Бугарските власти денеска негираат какво било постоење на македонско малцинство во земјата, тврдејќи дека нема етнички разлики меѓу двете заедници, додека Скопје инсистира на присуство на ваква посебна заедница, за која се вели дека брои 750.000 Македонци.

Бидејќи македонското малцинство во Бугарија не е официјално признаено како посебна малцинска група во правната рамка на земјата. Овој недостаток на официјално признавање влијае на пристапот на малцинството до одредени културни, јазични и политички права. Впрочем, Бугарија се штити преку Уставот, во кој не се споменува постоење на национални малцинства. Изрично во член 2. Точка (1) се вели: „Република Бугарија е унитарна држава со локална самоуправа. Ниту една автономна територијална формација нема да биде дозволено да постои таму“.

Тоа значи дека поделбата на земјата на автономни или посебни региони е забранета и како резултат на тоа, Уставот конкретно не ги споменува националните малцинства. Тоа и дава право да не го признава македонското малцинство во Бугарија, но од друга страна официјална Софија си дозволува да бара уставни измени за бугарското малцинство во Република Северна Македонија. Иако во Уставот на Република Северна Македонија, постои јасна одредба за гарантирање на правата на сите малцинства на територијата на Северна Македонија.

Уставот на Република Северна Македонија, изменет во 1991 година, ги гарантира и штити правата на малцинствата. Во Уставот на Република Северна Македонија се споменува дека сите заедници, вклучително и Албанците, Србите, Турците и другите Македонци, уживаат еднакви права и можности. Но, иако Бугарија не прави никакви отстапки за да го промени својот устав, да го вклучи македонското малцинство, таа врши притисок врз интеграцијата на Северна Македонија, (а следствено и Албанија), за да се направат уставните промени.

Значи, ова е неправда што се прави во име на заштита на малцинството, каде всушност правата на граѓаните од малцинството се чини дека воопшто не се цел.

Прочитајте и:  Николоски: Бугарија работи на алтернатива на Коридорот 10 што ќе ја заобиколи Македонија и ќе ја направи слепо црево на Балканот

„Порастот на бугарското малцинство во Албанија и падот на Македонците“

Несакајќи, Албанија станува „сцена“ на „историско злосторство“, чии последици можеме да ги видиме децении подоцна.

„Асимилацијата“ на македонското малцинство и непризнавањето на македонското малцинство во Бугарија, конфликтот меѓу Република Северна Македонија и Грција, ни покажува дека Северна Македонија оди кон нејзино разнебитување како нација и како држава.

Значи, ако ги погледнеме геополитичките движења во регионот во последната деценија, ќе видиме дека промените на границите се дел од агендата на која интензивно се работи.

Корените на различните малцинства во Албанија и регионот се поврзани со историските периоди на миграции и територијални промени на Балканот, но сега создавањето на овие малцинства станува одлучувачко за редефинирање на границите на Балканот.

Со овој дух веројатно се прави обид за „асимилација“ на македонското малцинство во Албанија.

Како асимилација го дефинирам големото намалување што го имаше ова малцинство во официјални бројки, каде според податоците од Пописот 2023 година во моментов живеат 2.281 Македонци, додека во 2011 година биле декларирани 5.512. Додека за прв пат е регистрирано и бугарското малцинство каде се бројат 7.057 Бугари.

Оваа голема разлика во бројки предизвика различни обвинувања и реакции за манипулација со податоците од пописот, со сомневања за мешање од бугарска страна во овој процес.

Всушност, уште на самиот почеток, пред и за време на оддржувањето на пописот на населението во Албанија, амбасадата на Северна Македонија во Тирана или и претседателот на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски, изразија незадоволство за некои незаконски интервенции од бугарска страна при пописот на населението. Имаше и обвинувања за директен притисок врз граѓаните од македонското малцинство во Албанија.

Но, сите овие поплаки паднаа на глуви уши.

Сега бугарското малцинство во Албанија е факт.

Но, факт е дека Бугарија интервенираше со помош за оние што ги нарекува бугарско малцинство и покрај тоа што порано тие беа Македонци.

Но, факт е дека официјално Скопје своите граѓани во Албанија ги остави на милост и немилост.

Така да не знам колку е праведно да се впери прстот кон оние кои им ја понудиле помошта на овие граѓани, (или изманипулирани), дали со европски пасоши, школски стипендии, здравствени материјали итн.

Каде беше официјално Скопје кога толку се известуваше, зборуваше и пишуваше дека Бугарија нуди помош на македонското малцинство, сега бугаризирани Македонци?

Или во случајот кога се докажа дека незаконски се даваат и земаат потврди со кои се докажува бугарското „потекло“.

Тоа не значи дека Бугарија игра чисто, но ваквата состојба несомнено е создадена поради македонската негрижа.

Сепак, иако темата на Пописот и неговите резултати веќе е обработена во официјални и неофицијални реакции, преку овој напис сакам да се фокусирам на фактот дека на територијата на Албанија, Бугарија консолидирала заедница од 7.057 бугари.

Врз основа на нејзините барања за ова малцинство и во други земји од регионот, се поставува прашањето: Дали Бугарија се обидува да го прошири своето влијание во регионот преку она што е познато како „soft power“?

Не се знае која е вистинската намера на официјална Софија во определувањето на бугарските малцинства во регионот, но брзината, геополитичкиот пејзаж, притисокот во име на ЕУ, остава простор за нејаснотии и отвора големи прашања.

Ова малцинство е поврзано со историската позадина со империјалниот сон и Договорот во Сан Стефано, 3 март 1878 година, каде Русија се обиде да создаде Голема Бугарија која ќе се протега на исток од Црното Море, на југ до Егејското Море и на запад до планините на Москополе, вклучувајќи ги и околиите на Корча, Подградец, Дебар итн.

Поаѓајќи од овој поранешен историски контекст, но сега и во името на Европа и гласот што Бугарија го има во европското семејство, нејзината историска агенда покрај успешното исполнување во Албанија и продолжувањето на притисокот што се врши врз Северна Македонија, Бугарија точно ја спроведува и во Косово и Србија.

Неодамнешните посети на бугарските официјални претставници, како што се потпретседателката Илијана Јотова и претседателот Румен Радев, исто така го зајакнаа барањето за признавање на бугарската заедница во Косово.

Според Бугарија, официјалното признавање на бугарското малцинство на Косово би претставувало продолжување на нејзината државна политика. Овој чекор може да придонесе за вклучување на Бугарите во уставот на Косово како немнозинска заедница и исто така може да му помогне на Косово да обезбеди поддршка во меѓународните организации, додека Гораните ќе можат да добијат пасоши на Европската унија.

Истото сценарио и во Србија.

Бугарскиот претседател Румен Радев навести дека Софија може да ја преиспита поддршката за членството на Србија во ЕУ поради односот на Белград кон бугарското малцинство во земјата. Тој нагласи дека главен критериум за поддршка е состојбата на бугарските сонародници во овие земји, вклучувајќи ги условите за нивниот економски и социјален развој, како и заштитата на нивниот национален идентитет, јазик, култура и историска меморија.

Влијанието што го користат Бугарија и Грција ме тера да мислам дека се создава одредена православна линија која има за цел да ги заштити интересите на малцинствата на начин кој често се поврзува со геополитичките интереси на овие земји. Оваа линија може да создаде значителен јаз во Европа и да помогне во зајакнувањето на руското влијание во регионите во кои има православни малцинства или каде Русија има економски и стратешки интерес.

Линија која индиректно ја спомна и самиот претседател на Русија Владимир Путин.

„Динамика на бугарскиот иредентизам на Балканот“

Интензитетот на бугарската политика во создавањето на бугарските малцинства во регионот се манифестираше на различни начини, преку различни стратегии, вклучително и економска помош, едукација и промоција на бугарската култура, и се постигна да се создаде посилно и повеќе видливо присуство на бугарските малцинства. Сепак, важно е овие напори да се менаџираат внимателно за да не се загрозат меѓурегионалните односи или да не се оди кон националистичка политика.

Велат дека историјата се повторува, особено кога е заборавена.

Но, доволно е да се вратиме во ретроспектива за да разбереме дека бугарската геополитичка активност има свои корени во желбата да се повратат земјите кои некогаш биле дел од Бугарската империја или тесно поврзани со бугарската култура и историја.

Овој регион опфаќа делови од северниот дел на Грција, Северна Македонија и Бугарија. Историските претензии беа поттикнати од присуството на етничките Бугари и културните врски.

Бугарскиот иредентизам се роди кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, кога идејата за обединување на сите етнички Бугари под една држава беше важна политичка цел. Историските претензии, кои се појавија пред неколку векови, продолжуваат да влијаат на регионалните односи, особено преку претензиите на малцинствата.

Иредентизмот, без разлика каде се раѓа, е фактор кој ја поткопува регионалната стабилност и соработка на Балканот. Но, за овој иредентизам да не одекнува во нашите земји, важно е историјата и нејзините антички граници да не служат како бариера за соработка и мир, туку како референтна точка за помош во создавањето односи меѓу балканските земји,  заклучува на крајот од колумната, авторката Марјана Дода.

МИА

- Реклама -