Instagram секојдневно со објави го полнат многубројните инфлуенсери и блогери, чии профили ги следат и по неколку милиони луѓе. Од таквите објави, инфлуенсерите заработуваат високи суми пари, а неодамна беше спроведено истражување на темата што многумина ги интересира: За колку всушност пари зборуваме?
Според анкетата UK Bloggers Survey 2019, спроведена од универзитетот од Кантербери и ПР компанијата Vuelio, просечен инфлуенсер со една своја спонзорирана објава може да заработи меѓу 100 и 1.000 фунти (од околу 100 до околу 1.200 евра), во зависност од тоа колку луѓе го следат профилот и каков и кој е производот или услугата која се рекламира. Сепак, најпопуларниот износ кој Инстаграм ѕвездите се обидуваат да го наплатат за своите објави е 250 фунти (околу 290 евра), покажува истражувањето.
Истражувањето е спроведено и со цел да се увиди како британските инфлуенсери, ПР експертите и блогерите го менуваат т.е. влијаат на општеството, кои се темите со кои се бават, и како се менува нивната улога и влијание:
Резултатите недвосмислено покажуваат дека во 2018-та бројот на „професионалните блогери“ значително пораснал, а со нив и бројот на оние на кои Инстаграм блогерството им е примарен извор на приходи. Исто така, истражувањето покажува и дека меѓу професионалните блогери најголемиот дел се жени, а се бават со теми од полето на модата, убавината, патувањата, кулинарството, родителството и стил на живеење (ака. лајфстајл).
Но, како се заработуваат тие 250 фунти по објава? 30% од испитаниците рекле дека поминуваат повеќе од 30 часа неделно работејќи на својата содржина и идните објави, како и зголемување на бројот на публиката што ги следи. Сепак, повеќе од половината испитаници велат дека се водат од правилото „помалку е повеќе“, па содржина објавуваат отприлика по само еднаш неделно.