Да гледаш фудбалска утакмица знае да наликува и на гледање на ситком со ужасни актери. Фановите многу добро знаат кога некој глуми, кога му е во корист да глуми и колку е неспортско да глуми повреда, ама тоа не ги спречува фудбалерите да се служат со ниски трикови за на секој можен начин да му помогнат на тимот. Туку, ај да видиме во која мера глумат лудило.
Истражувачите од Националниот универзитет во Сингапур и универзитетот во Бирмингем седнале да гледаат 30 натпревари од Европското првенство во 2008, 90 натпревари од англиската Премиер лига и 63 натпревари од Светското првенство во 2010, притоа графички забележувајќи ги повредите кај секој тим, на секој меч. Тајмингот на повредите бил поделен на 6 периоди: од 0-15 минута, од 16-30 минута, од 31-45 минута (заедно со судиското надополнување од првото полувреме), од 46-60 минута, од 61-75 минута и од 75-90 минута (заедно со судиското надополнување). Повредите биле категоризирани врз основа на тоа дали му користат на тимот на повредениот играч. На пример, ако играч „страда“ од повреда кога неговиот тим има еден гол предност, тоа се брои како „корисна“ повреда, бидејќи ја забавува играта и им дава можност за пауза на соиграчите.
Истражувачите се фокусирале само на натпреварите од кои произлегувале последици во понатамошните натпреварувања, т.е. се фокусирале само на важните, на тие во кои играчите имаат корист од глумење. Соодветно, 49 натпревари од вкупно 183 биле отфрлени од анализата, бидејќи биле прогласени за незначајни во контекст на натпреварувањето, или заради големата разлика во голови, кога едниот тим водел со 3 или повеќе голови.
И така, кога истражувачите конечно ги категоризирале повредите, резултатите се јасни: кон крајот на натпреварот, играчите на тимот кој има корист од повреда, почесто се повредуваат. Ама случајност!
Дека не е тоа, јасно е од графикот, на кој се гледа дека во првите 15 минути, повредите почесто се случуваат кога не му одат во прилог на тимот на повредениот играч, само за да во последните 15 минути, бројот на „корисните“ повреди убедливо да го надмине бројот на „некорисните“.
Во истражувањето биле интервјуирани и тројца анонимни тренери од англиската Премиер Лига, се разбира, околу очигледната тактика на глумење непостоечки повреди.
„Ниту еден од тројцата менаџери не призна отворено дека ги советувал играчите да лажираат повреда, но сите беа прилично индиферентни по однос на осудата на таквото однесување“, пишуваат истражувачите. „Еден го опиша глумењето како ‘умно’, друг призна дека играчите го прават, а третиот призна дека некогаш може да советува некој играч да остане на земјата и да ‘земе здив’“.
За споредба, многу е можно во австралискиот фудбал, на пример, во кој двата тима имаат по 18 играчи, кој е нешто како мешавина од рагби и американски фудбал, и каде играчите немаат никакви штитници, да видите само една ситуација кога играч мора да легне на тревата заради повреда. Ама поради структурата на австралискиот фудбал, во тој спорт не постои „корисна повреда“.