Колку повеќе побогати, толку помалку религиозни

major-world-religions-image[1]

Според група истражувачи, сé побогатото општество може да доведе до исчезнување на најголемите светски религии на христијанството, исламот, будизмот, хиндуизмот и јудаизмот.

Во истражувањето, психологот Николас Бомард од универзитетот во Пенсилванија, заклучува дека овие религии настанале заради разликите помеѓу животните стилови на елитата и најниските, најшироки општествени слоеви.

Пред околу 2500 години, елитите во одредени цивилизации најпосле можеле да си приуштат побавен живот. Можеле подоцна да имаат деца бидејќи подолго живееле. Можеле да си дозволат да не се грижат околу храната и помалку да јадат бидејќи имале доволно. Можеле да имаат помалку деца, бидејќи знаеле дека повеќе од нив ќе преживеат. Повеќе контактирале меѓусебно и воделе животи во кои воведувале повеќе самоконтрола.

Сиромашните, од друга страна, и понатаму биле под страшни егзистенцијални притисоци и затоа биле еволуциски поактивни и што се однесува до размножувањето.

Во истражувањето, Бомард воочува дека религиите, какви што ги знаеме денес, настануваат во моментот кога во цивилизациите многу јасно се јавува класното раслојување, додека претходно се без конкретна морална димензија.

Но, во моментот кога во општеството ќе стане многу јасно кои се богати, а кои сиромашни, и што смеат едните, а што (не) смеат другите, религијата почнува да говори за моралот, за тоа дека смислата на животот не е во грабањето на материјални богатства, дека суштината не се крие во сексот и слично.

Со други зборови, со таквите религии, елитите почнуваат да ги наведуваат сиромашните самите да живеат поопуштен живот и да бидат поконструктивни членови на општеството.

„Повеќето луѓе, и верници и неверници, сметаат дека религијата се бави со духовниот, помалку материјален свет“, пишува Бомард, истакнувајќи го елементот во религиите кој зборува за спасение само преку духовен, а не и материјален раст.

„А тоа тогаш доведува до нов феномен. Како што луѓето се сé побогати и поопуштени и живеат под сé помалку егзистенцијални притисоци, така е сé помала и потребата за религиите со кои би се контролирале сиромашните слоеви. Односно, сé побогатите и поцивилизираните општества водат кон постепено изумирање на религијата“, заклучува Бомард во истражувањето.

- Реклама -