Контролата на спроведувањето на мерката за ограничување на бројот на гости во домашни услови – на максимум 4 лица, која ја препорачуваат министерот за здравство и експертите од Комисијата за заразни болести, ќе биде навистина голем предизвик, признава Филипче, прашан кој тоа ќе контролира колку луѓе дошле на гости.
„Неколку други земји воведоа такви рестрикции, како Франција и Словенија. Свесни сме дека апсолутно еден сериозен дел од тоа како ќе се спроведува оваа мерка отпаѓа на самите граѓани, да се свесни зошто ова го препорачуваме. Всушност, во целиот овој период токму на такви настани имаше трансмисија на вирусот“, рече министерот.
Потсети и дека технички и формално, по пријава може секогаш да интервенираат и полицијата и инспекторатите, но истакна дека најважно е граѓаните да се свесни што треба да избегнуваат во претстојниот период.
„Големи семејни настани, особено во претстојниот период на слави, се огромен ризик“, рече тој, потенцирајќи дека мерката е и обид да се спречи она што беше забрането во угостителските објекти (забави без протоколи) да се пренесе во домовите.
„Верувам дека граѓаните ќе бидат свесни“, истакна Филипче на прес-конференцијата.