Кој е будала да работи за 12.000 ако и социјалната помош е толку?

Од 1 јануари социјалната помош за дел од корисниците е зголемена за три пати и сега достигнува и до 11.700 денари. Со тоа Владата речиси ја изедначи со минималната плата, која изнесува 12.000 денари. Така, на пример, четиричлено семејство со едно работонеспособно лице ќе добива 11.700 денари, а семејство со двајца возрасни и две деца – 10.600 денари.

Но, со ова се доведува во прашање како праведноста, така и мотивот за работа, особено ако се знае дека голем број работници во приватни текстилни фирми работат за минималец, пишува АКО.мк.

„Не се исплати човек да работи за 12.000 денари. Познавам стоматолози во внатрешноста кои работат за мали плати, кои се срамни да се споменуваат, а не пак социјалното да биде 12.000 денари. Зошто учел тој лекар? За да има за нијанса повисока плата од социјалец? Плус тешко се доаѓа до работа. Кој е луд да работи ако социјалното е 12.000 денари? Дали кога лекарите ќе се иселат, ќе не лечат социјалци, се прашувам?“, вели Ј.А. – средовечна невработена жена, за Фактор.мк.

Кристина Ампева, од Здружението Гласен Текстилец од Штип, има поинаков став. Според неа, проблемот не е во зголемувањето на социјалната помош:

„Овие суми досега – од 1.500, 3.000 денари… тоа не беше социјална помош. Не беше ништо. И треба да е поголема, поголема и од 12.000 денари. Не сметам дека луѓето ќе изберат да не работат за да земаат социјална помош. Според тоа што беше кажано од министерката, промислено е веќе. Реално мислам дека барем таа знае што прави и однапред осмислено е тоа, затоа излезе со конкретни решенија. Не верувам дека ќе биде загрозен некој сектор, напротив, примателите на социјална помош ќе мораат што побргу да се вклучат во пазарот на труд и реално ќе немаат можност да бираат работа. А таа работа најчесто ќе биде за минималец. Значи не е проблемот во сумата за социјална помош, која според мене е ниска и не задоволува основни потреби, но и те како е подобро од ова што го имаме во моментот. Проблемот е во ниските плати. Тоа е мое мислење за оваа тема. Не се согласуваат многу со мене, но јас сметам дека треба да е вака“, објаснува Ампева.

Прочитајте и:  Дурмиши: Ќе донесеме одлука за минималата плата која ќе ги задоволи сите засегнати страни

Критикуваат и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Трајко Славевски, член на ИК на партијата, посочува на уште една потенцијална последица од изедначувањето (барем засега) на социјалната помош и минималната плата:

„… Во услови на стеснување на пазарот на труд во Република Македонија, заради демографските трендови заради иселувањето итн., се губи, односно се пасифизира еден работоспособен дел од работната сила во Република Македонија што секако на економски план ќе има многу негативни последици“, смета тој.

Од друга страна, премиерот Зоран Заев најави дека годинава ќе се зголеми и минималната плата. Неофицијално, на Економско-социјалниот совет било предложено минималната плата да се усогласува соодветно на растот на БДП, зголемувањето на просечната плата и зголемувањето на потрошувачката кошничка, пренесува Независен.мк.

Усогласување и зголемување на минималната плата бараат и од Сојузот на синдикати на Македонија. Од ССМ најавуваат дека во идниот период ќе понудат модел како истата оправдано да расте во рамки кои ќе бидат во интерес на работниците, а притоа да не предизвикува големи финансиски импликации кај работодавачите.

Она што е проблематично, дури и со евентуалното зголемувањето на минималната плата, е скалестото усогласување на платите, заклучува „Независен“.

- Реклама -