Кои се најсигурни автомобили според изминатата километража?

Истражувањата на компанијата Dekra во однос на сигурноста на автомобилите се секогаш посебни, а едно од последните е мошне интересно и се однесува сигурноста на возилата според нивната измината километража.

За истражувањето се анализирани резултатите од 15 милиони технички прегледи, а во самата класификација влегуваат сериски модели произведени во над 1.000 примероци и се продаваат на територијата на Германија. На крајните резултати не влијаат недостатоци, кои не се поврзани со конструкцијата на возилото, односно оштетувања поради пукната гума и слично. Класификација е направена во зависност од километражата – до 50.000 километри, од 50.000 до 100.000 km и од 100.000 до 150.000 km. Автомобилите кои  собраа најмногу поени во сите три поделби, согласно критериумите и анализите, се прогласени и за најсигурни. Во случајот тоа е Mercedes-Benz E-класа, а по него се редат Audi Q5 и Mercedes-Benz GLK.

Има поделба и по класи на автомобилите. Во субкомпактната класа најдобри остварувањa имаa Audi A1 (километража од 0 – 100 000 km) и Mazda 2 (100.000 – 150.000 km). Во компактната класа најсигурни се BMW 1 (0 – 50.000 km), Mazda3 (50.000 – 100.000 km) и Volkswagen Golf VI (над 100.000 km). Во D-сегментот одличниците се Volvo S60 (0 – 50.000 km), BMW 3 ( од 50.000 до 100.000) и Audi A5 (над 100.000 km). Кај кросоверите најдобро рангирани се Audi Q5 и Mercedes-Benz GLK, кои се на второ и трето место во генералното оценување.

- Реклама -