Се враќаме 22 години назад, на Светското првенство во САД, каде што во финалето ја гледавме фудбалската класика, помеѓу Бразил и Италија.
Беше тоа Мундијал со премногу изненадувања за кои се погрижија пред сé Шведска и Бугарија. Селекцијата „три круни“ предводена од Ларсон, Андерсон, Далин и Бролин го зазема третото место, победувајќи ја во полуфиналето Бугарија чија ударна сила беше Стоичков, а го следеше Лечков.
За разлика од натпреварот за третото место, финалето не беше толку изненадувачко. Дури и пред првенството сите го видоа Бразил во финалето, како и пред секој Мундијал, вториот фаворит беше Германија. После тоа одеа Италијанците, Холанѓаните, Аргентина…
Во големото финале силите ги одмерија Бразил и Италија. Од една страна Ромарио, Бебето и Франко, од друга страна Малдини, Донадони, Барези, Масаро и Баџо. По 120 минути игра во Лос Анџелес немаше победник – 0:0, и се отиде на пенали.
Пенал „рулетот“ ја отвори Италија со промашувањето на Барези, но Паљука успеа да го одбрани ударот на Сантос. Потоа следеше серијата голови на Албертини, Ромарио, Евани и Бранко за 2:2. Во четвртата серија топката за Азурите ја зема Масаро, но Тафарел одбрани. Дунга го донесе Бразил во водство од 3:2 и Баџо беше оној околу кој се кршеа копјата, дали Италија ќе ја продолжи серијата или Бразил ќе стане светски шампион. Најдобриот фудбалер за 1993 година зеде залет, шутна и ја испрати топката на трибините. Бразил стана шампион на планетата, а миленикот на италијанската нација „Малиот буда“ стана еден од најголемите фудбалски трагичари.