Слободата на движење е еден од темелите на Европската унија. Сепак, кога станува збор за здравството во најсиромашните земји од ЕУ, слободата на движење е сериозен проблем.
Фелата со најголема тенденција за напуштање на својата родна земја и преселба во некоја побогата држава, повеќе од било која друга професија, се докторите и медицинските сестри. Преселбата главно се одвива од Исток кон Запад, од посиромашните членки на ЕУ кон побогатите. Анализата на податоците на Европската комисија утврди дека емиграцијата на здравствените работници е особено силно изразена во Источна и Јужна Европа.
Значи, гледано во пракса, посиромашните земји постојано обучуваат лекари чии благодети подоцна ги користат побогатите држави, макар и кога сето ова се случува во рамките на Европската унија. По миграцијата во побогата земја од ЕУ, младите доктори веќе заработуваат и по 2000-3000 евра месечно – четири до пет пати повеќе отколку што ќе заработуваат во Естонија, на пример. Од другата страна чекаат земји како Финска, која има проблем со недостаток од медицински професионалци. Тоа дополнително ја олеснува миграцијата, па добивате ситуација како во Естонија, каде во последниве 15 години околу 30 до 40 проценти од секоја генерација што завршува медицина емигрира вон татковината.
Општото правило е дека обуката на висококвалификувани медицински лица е долг и скап процес, без (претерано битна) разлика во која земја се одвива. Но не секоја држава може да им обезбеди еднаква плата на дипломираните лекари и медицински сестри. Трошоците за здравствено осигурување по глава на жител исто така се разликуваат меѓу земјите (во ЕУ); од 816 евра годишно во Романија, до 4.000+ евра годишно во Луксембург, Германија и другите западноевропски земји. Очекувано, медицинските лица ги следат парите.
Истражувањето направено непосредно пред влезот на Естонија во ЕУ во 2004 година, покажува дека повеќе од половина од вкупно 17.749-те здравствени работници во Естонија ja разгледувале можноста за работа во странство. Во 2004-та земјата имала 4.312 доктори; по влегувањето во ЕУ, над 1.800 доктори аплицирале за работа во странство. Во 2011 година, член на Сојузот на естонски матични лекари упати и официјално предупредување – дека во иднина Естонија ќе стане земја во која „нема матичен лекар во радиус од 100 километри“.
Естонија не е единствената која им зјапа во грбот на своите специјалисти додека заминуваат
Слична е ситуацијата и во соседна Бугарија. Според статистиката од 2013 година, околу 1.000 лекари годишно ја напуштаат земјата, упатувајќи се кон Западна Европа или побогатите земји во арапскиот свет. Па така, имате области во кои недостасуваат клучни специјалисти, а болниците обучуваат професионалци имајќи јасна претстава дека барем половина од нив ќе заминат во странство. Околу 70% од медицинските лица кои во моментов работат во Бугарија се на возраст над 50 години. „Замислете што ќе се случи кога ќе се пензионираат“, вели Јулијан Јорданов од Бугарскиот лекарски сојуз.
Во Романија ситуацијата е уште полоша. Во периодот меѓу 2009-та и 2015-та, земјата има загубено половина од своите лекари… Неколку години откако Полска се приклучи кон ЕУ, над 60% од студентите на петта и шеста година по медицина планирале да бараат работа во странство… Кога Словачка стана членка на ЕУ во 2004-та, имаше 15.000 медицински работници. Само во 2017-та, 3.800 поднеле документи за работа во друга побогата земја во ЕУ.
Во некои од земјите загубата медицински персонал веќе е видлива. Во Романија, на пример, 10% од населението се изјаснува дека се лекува без медицинска нега (што, за волја на вистината, може да е и заради други фактори, но ај да не навлегуваме).
Гледајќи ја големата слика, најпогодени од големата преселба на докторите се новите членки на ЕУ, како и најпогодените од економската криза – Португалија и Грција. Тоа го потврдува и анализата на податоците со кои располага Европската комисија.
„Добродојдовте во поевропската Европа“
Миграцијата на млади специјалисти кон Западот се случува во време кога просечната возраст на лекарите во ЕУ се зголемува. Во 2014-та, над една третина од нив во ЕУ биле на возраст над 55 години. До 2020-та година се очекува фелата да го достигне „пензионерскиот врв“, кога повеќе од 60.000 лекари т.е. 3.2% од работната сила, ќе ја напуштаат професијата на годишно ниво.
Што се однесува до регрутирањето на медицински кадри од земјите во развој, се смета дека поразвиените земјите имаат одговорност да се грижат да не ги „пресушат“ кадрите во земјите од кои вработуваат специјалисти. Во 1999 година, на пример, британското Министерство за здравство приложи стандарди за „етичко меѓународно вработување”, како и листа во која беа вклучени земјите во развој од кои треба да се ограничи „увозот“ на здравствени работници. На листата се најде и Хрватска, која како последица на пристапувањето кон ЕУ во 2013-та година, загуби 570 лекари (5% од вкупниот број).
Во меѓувреме, Европската унија усвои политички документи во кои ја признава својата одговорност да ги штити критичните земји кои се надвор од Унијата од влошување на здравството во нив. Но кога се зборува за земјите во рамките на ЕУ, такво признание нема. Напротив, гледано во пракса, Европската комисија активно работи на тоа уште повеќе да ја олесни имиграцијата.
Поконкретно, процедурата за заминување во друга земја од ЕУ кај строго регулираните професии, како лекари и сестри, отсекогаш е прилично комплицирана. На пример, кандидатите не секогаш се сигурни каде треба да ги поднесат документите за признавање на нивната квалификација, барањата се разликуваат од земја до земја, а националните власти често ги пропуштаат крајните рокови за реакција на апликациите. Но лани Европската комисија започна програма која го олеснува процесот; сега се одвива и онлајн. Преку специјализирана веб-страна, апликантите сега можат да видат што се бара во секоја земја, да испратат CV, или да ги платат потребните такси. Откако земјата домаќин ќе ги прифати, и под услов да ги исполнуваат сите јазични барања, почнуваат со работа како практиканти. Ако, пак, земјата домаќин го пропушти рокот за одговор, пријавата автоматски се одобрува.
Првично програмата се однесуваше на петте најквалификувани професии (медицински сестри, фармацевти, физиотерапевти, агенти за недвижности и планинарски водичи). Уште тогаш се готвеше слично олеснување и за лекарите, но поради одредени „деликатни политички прашања“, како и „постојниот проблем со недостиг на лекари во некои државни здравствени системи“, тој дел од иницијативата беше оставен за таканаречена „втора фаза“. Но сега Комисијата ја преиспитува програмата, а на маса е предлог за проширување на програмата и за други професии. Во превод, тоа ќе значи зголемување на емиграцијата на лекари од посиромашните кон побогатите членки.