Кога дишењето убива повеќе од пушењето

На годишно ниво, загадениот воздух убива повеќе луѓе отколку пушењето, покажуваат резултатите од истражувањето на меѓународна група научници кои го повикуваат светот да престане да користи фосилни горива.

Според истражувањето на германските и кипарските научници, од последици од аерозагадување годишно умираат околу 8.8 милиони луѓе низ светот, што е речиси двојно повеќе отколку што се мислеше – претходните проценки беа дека бројката е 4.5 милиони.

Од друга страна, Светската здравствена организација (WHO) проценува дека годишно од пушење умираат околу 7.2 милиони луѓе.

Научниците утврдиле дека во Европа, на која главно било фокусирано истражувањето на Европската асоцијација на кардиолози, од последици од загаден воздух смртно настрадале 790.000 луѓе. Во 40% до 80% од случаите, последиците а воедно и причина за смртта се кардиоваскуларни болести или срцеви или мозочни удари.

„Со оглед на тоа дека повеќето честици и другите загадувачи во европските земји потекнуваат од горење на фосилни горива, потребно е да се премине на други извори на енергија“, смета ко-авторот на студијата – Јос Леливелд од институтот „Макс Планк“. Според него, со преминување на обновливи извори на енергија, стапката на смртност од последици поврзани со загадениот воздух во Европа би се намалила за дури 55%.

Студијата, објавена во European Heart Journal, се фокусира на озонот и најситните загадувачки честици – озлогласените ПМ2.5 (со размер од 2.5 микрони и помали), кои се посебно штетни за здравјето бидејќи стигнуваат до белите дробови, а продираат и во крвта. Според најновите податоци, велат научниците, опасноста од фините честици со дијаметар до 2.5 микрони по човечкото здравје, е многу поголема отколку што се мислеше.

Прочитајте и:  Рекордна загаденост на воздухот во Њу Делхи - 60 пати над максималниот праг

Како еден од главните причинители на респираторни и кардиоваскуларни заболувања, научниците повикуваат на намалување на горната дозволена граница на ПМ2.5 честици во целата Европска унија. Актуелното ограничување е 25 микрограми на метар кубен, што е два и пол пати повеќе од препораката на СЗО.

„Во Европа максималната допуштена вредност е превисока“, предупредуваат Леливелд и неговиот колега Томас Мунзел – доктор на кардиолошкиот оддел во Универзитетскиот медицински центар во Мајнц.

„Во САД, Австралија и Канада, препораките на СЗО се земаат како темел за законодавните мерки и одлуки, а тоа, по наше мислење, е потребно да се воведе и во земјите на ЕУ“, велат тие во соопштението.

Во одредени делови од светот, од загадување на воздухот годишно умираат по 120 луѓе на секои 100.000 жители. Во Европа, пак, во деловите со екстремно аерозагадување, се забележуваат и по 200 смртни случаи на 100.000 жители.

„Од наведените податоци не е тешко да се заклучи дека од загадување на воздухот годишно умираат повеќе луѓе отколку од пушење“, вели Мунзел. „Со тоа што, пушењето може свесно да се избегне, ама загадувањето не може“.

- Реклама -