Клоп ги израдува Србите: Ливерпул е голем фудбалски клуб, затоа Џердан Шаќири нема да игра во Белград

„Ливерпул и Јирген Клоп покажаа величина“, пишуваат српските медиуми откако тренерот на Ливерпул соопшти дека Џердан Шаќири нема да патува во Белград на мечот од 4. коло од Лигата на шампионите против Црвена ѕвезда.

Како што објасни Клоп, Ливерпул е еден од најголемите клубови и е заинтересиран само за фудбал, а не и политика. Со други зборови, Клоп не сака било какви тензии меѓу домашните навивачи и Шаќири, кој на Светското во Русија во дресот на Швајцарија голот против Србија го прослави гестикулирајќи „албански орел“ со рацете, поради што му беше „ветен“ пеколен дочек во главниот град на Србија.

„Одиме во Белград кој е фантастичен град. Одиме таму како фудбалски тим за да играме фудбал. Читавме и слушавме шпекулации за тоа каков би бил дочекот за Шаќири, и без оглед на тоа што немаме претстава што би се случило, сакаме таму да отидеме 100% фокусирани исклучиво на фудбал, и не сакаме да размислуваме за ништо друго. Ние сме фудбалскиот клуб Ливерпул, голем клуб, фудбалски тим, и не сакаме да праќаме било какви други пораки освен фудбалските. Не сакаме да пратиме никакви политички пораки, апсолутно! Време е да се сконцентрираме на фудбалската игра и да се ослободиме од сé друго“, изјави тренерот на „црвените“.

Според Клоп, Шаќири сосема ја разбира и прифаќа ваквата одлука.

„Го почитуваме домаќинот на оваа средба и не сакаме ништо да ни пречи. Ова е важен фудбалски натпревар, а ова е само фудбал. И затоа Шаќири не доаѓа, тој тоа го разбира и прифаќа. Шаќири е наш играч, го сакаме, и ќе игра уште многу пати во нашиот дрес, ама не во вторник“, рече Клоп.

Средбата се игра утре (вторник) во 18:55 часот.

- Реклама -