
По средбата, двајцата министри потпишаа меморандум за разбирање и соработка во областа на здравството, како основа за конкретни заеднички активности меѓу двете министерства и нивните здравствени институции. Во конкретизацијата на соработката ќе се вклучи и турската државна агенција за меѓународни здравствени услуги USHAŞ.
Како подрачја на идната соработка, министерот Клековски ги издвои: дигиталното здравство; стручната размена и едукацијата на специјалисти; соработката во областа на лековите и вакцините.
„Турција е искрен пријател на Македонија и тоа го покажа и во најтешките моменти по трагедијата во Кочани. Меморандумот ни дава рамка добрите односи да ги претвориме во конкретни проекти – од дигитално здравство, преку едукација на специјалисти, до лекови и вакцини“, изјави Клековски.
Тој ѝ се заблагодари на Република Турција за помошта и солидарноста по трагедијата во Кочани.



