Кире Лазаров избран за селектор на македонската репрезентација, најавува брз и модерен ракомет

Ракометната Федерација на Македонија, на вчерашната (12 февруари 2021) Седница на Управниот Одбор, едногласно го усвоила предлогот за назначување на легендата на македонскиот ракомет – Кире Лазаров, за селектор/тренер на сениорската машка ракометна репрезентација.

На денешната прес-конференција, покрај претседателот на РФМ – Живко Мукаетов, се обрати и самиот Лазаров. Тој истакна дека никогаш не ја одбил Македонија, па нема ни сега, и дека без двоумење го прифатил предизвикот.

Според Лазаров, настапот на Светското првенство во Египет не бил правата слика за македонската репрезентација:

„Можевме да поминеме подостоинствено и поради тоа во иднина ќе одиме со нов систем на игра“, вели Лазаров, додавајќи дека немало да прифати да биде селектор доколку не верувал во овие наши ракометари и не сметал дека од година во година можеме да бидеме сѐ поквалитетни.

За во иднина, Лазаров најави нов систем на игра на репрезентацијата – модерен и брз ракомет. Сепак, предупредува дека тоа нема да се случи веднаш, особено не во квалификациите за Европското првенство во 2022 година, бидејќи нема доволно време. Во меѓувреме, целта е Македонија да го задржи континуитетот на настапи на големите натпреварувања.

Освен тоа што ќе биде селектор/тренер, на некои натпревари Лазаров исто така и ќе игра:

„Со претседателот Живко Мукаетов се договоривме во првата година да играм и јас на одредени натпревари на кои ќе биде потребно, да бидам како поддршка за младите ракометари“, истакна тој.

На стручната клупа Лазаров ќе дебитира на двомечот од квалификациите за ЕП 2022 против Данска, во март. Наскоро ќе биде објавен и списокот од 35 играчи и стручниот штаб, најави новиот селектор на машката ракометна репрезентација.

 

- Реклама -