Кога татко ти е милионер, логично е да очекуваш великодушно наследство. Не и за потомците на хонгконгшкиот тајкун во полето на недвижнини – Shih Wing-Ching. Трите негови веќе возрасни деца ќе наследат буквално ништо од неговите стотици милиони, бидејќи Винг-Чинг решил сето свое богатство да го остави во добротворни цели.
Сега 70-годишниот Винг-Чинг е основач на компанијата за недвижности Centaline Property Agency Limited во 1978 година. Пред 10 години се откажал од своите акции во вредност од тогаш 400 милиони долари. Како резултат, неговиот 30-годишен син Алекс и останатите две деца се снаоѓаат низ животот како и секој обичен човек.
Во интервју за Bloomberg, синот Алекс открива дека ја поддржува радикалната одлука на татко му.
„Јас лично ја прифаќам. Ни го кажа тоа кога бевме многу млади и немавме избор“, вели тој. „Нè учеше дека е подобро да не водиме живот кој станува премногу удобен преку ноќ. Дека повеќе ќе ги цениме нештата ако ги заработиме чекор по чекор“.
Претходно годинава, Алекс беше назначен за потпретседател на Centaline, која ќе ја преземе веднаш штом татко му се повлече. Сепак, и покрај високата позиција, Алекс тврди дека зема нормална плата, дури и помала од таа на неговите пријатели кои работат во финансискиот сектор. Алекс исто така раскажува и дека имал нормално, скромно детство, одел во државно училиште и бил воспитан дека богатите имаат должност да им помагаат на сиромашните.
И додека татко му е познат филантроп што целото богатство го донира токму во хуманитарна организација која им помага на сиромашните, а кој патем издава и бесплатен дневен весник, Алекс работи во мала и натрупана канцеларија. Во слободното време хоби му е пешачење во природа. И покрај стотиците милиони на татко му, тој почнал како скромен агент за недвижности и во моментов допрва штеди да си купи стан. Не куќа, не вила, туку двособен стан, исклучиво со сопствени пари.
„Првиот дом што ќе го купите може и да не е тој што најмногу ќе го посакувате. Но барем сте се качиле на таа имотна скала, од каде понатаму полека полека ќе напредувате“, вели за Bloomberg.
Потегот на Винг-Чинг можеби звучи радикален, но тој не е единствениот што вака постапува. Сè повеќе милионери и милијардери се приклучуваат на The Giving Pledge – иницијатива во која се зарекуваат дека најголемиот дел од своето богатство ќе го донираат назад во светот. Меѓу големите имиња се и Ричард Бронсон, Ворен Бафет, Бил и Мелинда Гејтс, како и основачот на Ikea, Ингвар Кампрад, кој на своите деца ќе им остави само мал дел од 73.8-те милијарди долари, колку што тежи според проценките.