Кина затвори град со 1.2 милиони жители поради тројца заразени со Ковид-19, се поставуваат врати и чувари

Пекинг, 4 јануари 2022 (МИА) – Карантин е воведен на повеќе од еден милион луѓе во град во централна Кина, откако се пријавени три асимптоматски случаи на коронавирус во најновото масовно затворање во земјата.

На Пекинг му следува „нулта ковид“ пристап со строги ограничувања за влез во земјата и насочени затворања откако вирусот првпат се појави. Но, стратегијата е под притисок од серијата неодамнешни жаришта и само еден месец пред Зимските олимписки игри.

Јужоу, град со околу 1.17 милиони жители во кинеската провинција Хенан, соопшти дека сите граѓани од синоќа морале да останат дома за да може да се контролира ширењето на вирусот. Таков чекор е преземен откако се откриени три случаи на зараза во изминатите неколку дена.

На луѓето „не им е дозволено да излегуваат“, се вели во соопштението објавено вчера, додека сите заедници ќе постават „чувари и врати за строго спроведување на мерките за превенција и контрола на епидемијата“.

Прочитајте и:  Кина бара СТО да реагира поради новите европски давачки за електрични возила

Градот веќе најави дека ги суспендира автобуските линии и такси возилата и ги затвора трговските центри, музеите и туристичките атракции.

Кина денеска потврди уште 175 нови случаи на Ковид-19, вклучително и пет во провинцијата Хенан и уште осум во жариште поврзано со фабрика за облека во источниот град Нингбу.

Иако бројот на пријавени случаи е мал во споредба со другите делови на светот, бројот на новозаразени со коронавирус во изминатите недели достигна високо ниво кое не е забележано во земјата од март 2020 година.

Претставници на локалните власти за кои се смета дека не успеале да спречат појава на вирус во Кина честопати се отпуштаат или казнуваат, што ги натера провинциските влади да воведат построги мерки во обид брзо да го ограничат бројот на заразени.

Драстичниот пораст на инфекциите се случува додека Пекинг се подготвува за домаќин на Зимските олимписки игри следниот месец.

- Реклама -