Кина денеска ги повика „сите земји да се смират и да покажат воздржаност“ откако Северна Кореја истрела артилериски гранати што доведоа до евакуација на цивили од јужнокорејските погранични острови.
Северна Кореја, која технички се уште е во војна со јужниот сосед, изутрината истрела повеќе од 200 проектили во Жолтото Море во близина на островите Јонпјеонг и Бенион, поради што јужнокорејските власти го евакуираа цивилното население. Сеул тоа го нарече „провокација“ и предупреди дека ќе преземе „соодветни мерки“.
Еден од портпаролите на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, на прес-конференција изјави дека Кина се надева дека „страните ќе се воздржат од преземање мерки што би довеле до зголемување на тензиите и ќе избегнат понатамошна ескалација на ситуацијата“.