Кина наложи превентивни мерки по појавата на респираторни заболувања

Кина нареди зголемени превентивни мерки по необичниот кластер на респираторни заболувања кај децата, соопштија денеска властите во Пекинг, откако Светската здравствена организација (СЗО) побара повеќе детали за тековно циркулирачките вируси.

Властите наложија проверки на телесната температура на граничните премини и проверки во училиштата и домовите за нега. Медицинските ресурси треба да бидат достапни локално заради одговор на ситуацијата со инфекцијата.

Здравствените власти во земјата предвидуваат различни респираторни заболувања да циркулираат паралелно оваа зима и пролетта следната година, вклучувајќи ги Ковид-19, грип и микоплазма пневмонија. Ситуацијата со Ковид-19 останува стабилна, а случаите на грип и инфекции со микоплазма се зголемуваа од октомври, велат тие.

Имаше загриженост во Кина и на меѓународно ниво во последните денови по извештаите на социјалните мрежи за полни детски одделенија во болниците.

СЗО во Женева вчера соопшти дека кинеските здравствени власти пријавиле дека не откриле необични или нови патогени или необични клинички слики. СЗО претходно побара од Кина да обезбеди „дополнителни епидемиолошки и клинички информации“ за вклучените болести и нивното ширење, како и лабораториски резултати. Болестите биле предизвикани од неколку познати респираторни патогени, вклучувајќи риновируси, респираторен синцицијален вирус (РСВ) и инфекции со микоплазма, соопштија кинеските власти.

МИА

- Реклама -