Кина има футуристичка библиотека со 1.2 милион книги

Холандската дизајн компанија MVRDV и порано си има играно со експериментални структури, но од неодамна (1 октомври) ни даде една од најуникатните библиотеки на светот – Tianjin Binhai Library, во Тианџин, на северниот брег на Кина.

Се работи за спектакуларен објект со изразит сци-фи шмек, кој ќе биде дел од поголем културен центар составен од пет објекти. Библиотеката се простира на површина од вкупно 33.800 метри квадратни, со висина од 5 ката, а собира над 1.2 милион книги.

Дизајнот на фасадата, заедно со џиновската рефлексивна топка во аудиториумот во средината, потсетува на џиновско 3Д око. Ништо чудно што веќе ја викаат „The Eye of Binhai“, или едноставно „Окото“.

Во внатрешноста, полиците со книги се каскадно наредени од подот па до таванот. Брановитата структура го рефлектира создавањето на самиот град Тианџин, кој е формиран уште во древни времиња по пат на седиментација од неколку реки кои истекуваат во заливот Бохаи. Претходно, овде имало отворено море. Слоевите на ѕидовите на библиотеката се пандан на слоевите седимент од кој е формирана основата на градот, а брановитата форма е „во чест“ на бранувањето на морето кое истите ги има формирано.

Првите два ката на библиотеката располагаат со соби за читање и делови за одмор, додека на погорните катови се наоѓаат соби за состаноци, канцеларии, компјутерски и аудио соби и слично. Во приземјето се наоѓаат книгите за деца и другите оддели за најмладите.

Како што гледате од сликите, овалната скалеста форма на полиците е конкретно дизајнирана за да служат и како скали, и како простор за седење (заоблените проширени делови).

Ако се прашувате како се стигнува до полиците на погорните „катови“… Всушност не се стигнува. Во првичниот план биле предвидени и соби за пристап, но не по вина на дизајнерите, при изградбата се отфрлени. Целта била да се заврши објектот во рекорден рок од 3 години. Горните слоеви, како резултат, се всушност покриени со алуминиумски панели, маскирани да личат на наредени книги (и без нив собира 1.2 милион книги).

Ќе речевме „кинеска работа“, ама со оглед на нашиве библиотеки, глупо е да наоѓаме замерки. Плус, на луѓето од Тианџан веќе им е атракција и почнуваат да поминуваат сé повеќе време во библиотеката.

- Реклама -