По сé изгледа, во скора иднина Џастин Бибер (Бајбер е, ама ај) нема да ги почасти кинеските „белибери“ (како што се нарекуваат неговите фанови, од „believe“ и Biеber) со концерт. Пекинг му лупна забрана, поради „лошо однесување“.
Тоа е одговорот што Пекингшкото општинско биро за култура им го даде на фановите кои прашуваа зошто концертот на поп ѕвездата е откажан.
„Неговото непримерно однесување, кога живее во странство и за време на настапите во Кина, провоцира јавно негодување. Во обид да го регулираме локалниот забавен пазар и да ја прочистиме неговата околина, сметаме дека е несоодветно да каниме изведувачи со лошо однесување“, се наведува во соопштението.
„Џастин Бибер е талентиран пејач, но тој исто така е и контроверзен странски пејач… Се надеваме дека со текот на годините Бибер ќе созрева, ќе ги подобри сопствените зборови и дела, и навистина ќе стане пејач сакан од јавноста“, се додава во соопштението.
Бибер (23) во моментов е на светска турнеја, со закажани концерти во Јапонија, Индија, Хонгконг, Филипини, Сингапур и Индонезија. Но постои конфузија – во Кина сепак се продаваат билети за концерти на Бибер во Пекинг на 16 септември и Шангај на 23 септември. Сајтот што ги продава билетите за CNN изјави дека не е запознаен со одлуката за забрана на концерти на Бибер (но се подготвени да ги вратат парите ако концертите не се одржат). Сепак, според извори од културниот регулатор во Шангај, шансите локалните власти да одобрат концерт наспроти одлуката на националниот регулатор се минимални.
Кина е мошне искусна во забранувањето на музичари, но не поради „лошо однесување“, туку поради средби со тибетскиот духовен учител Далај Лама. Меѓу нив се и Лејди Гага, Селена Гомез, Џон Бон Џови, Марун 5, Линкин Парк и Бјорк.
И ова со Бибер не ќе да е баш само затоа што е „лошо момче“. Во 2014-та, Бибер предизвика гнев на кинеските социјални мрежи откако постираше фотографија од неговата посета на контроверзното светилиште Yasukuni Shrine во Токио. Храмот е во чест на паднатите воини, но меѓу нив има и осудени воени криминалци. Затоа, за Кина и Јужна Кореја храмот е симбол што говори дека Јапонија не се кае за историјата (читај: злоделата) на својата империја.
Иако тогаш Бибер се извини и ја симна фотографијата, тоа не го смири бесот на Кинезите. Портпаролот на нивниот министер за надворешни работи тогаш изјави дека „се надева дека пејачот го напуштил Yasakuni со јасно знаење околу јапонската инвазиона и милитантна историја, како и за изворот на јапонскиот милитаризам“.