Украинското Министерство за одбрана денеска соопшти дека од утре, 21 јули, Украина ќе смета дека сите бродови што пловат низ Црното Море до руските пристаништа пренесуваат воен товар.
Во соопштението на украинското Министерство се наведува дека од денеска е забранета како опасна пловидбата во областите на североисточниот дел на Црното Море и Керченскиот теснец.
Ваквото соопштение доаѓа откако претходно руското Министерство за одбрана, откако Москва одби да го продолжи договорот за извоз на жито, се закани дека од денеска сите бродови кои пловат низ Црното Море до украинските пристаништа ќе бидат сметани за потенцијални носители на воен товар и соодветно на тоа ќе бидат сметани за легитимни цели.
Вашингтон, пак, денеска обвини дека руските сили поставиле морски мини во Црното Море и се подготвуваат за можни напади врз цивилни бродови.
„Нашите информации покажуваат дека Русија поставила дополнителни морски мини на приодите до украинските пристаништа. Веруваме дека ова е координиран напор да се оправдаат какви било напади врз цивилни бродови во Црното Море и да се обвини Украина за тие напади“, изјави портпаролот на Белата куќа за Националниот совет за безбедност, Адам Хоџ.
Извор: МИА