Кенија воведува кинески јазик во основните училишта

Од идната година во основните училишта во Кенија ќе се учи и кинески (мандарински) јазик. Целта е да се подобри конкурентноста на пазарот на трудот и да се овозможи подобра трговија и поврзување со Кина.

Кенискиот Институт за развој на наставната програма (КИЦД) соопшти дека предметите и опфатот на наставната програма за мандарински јазик се завршени и дека истата ќе биде воведена во 2020-та. Кинески/мандарински ќе можат да учат сите ученици, почнувајќи од четврто одделение (10-годишна возраст) па нагоре, соопшти директорот на Институтот – Џулиус Џван за кинеската новинска агенција Xinhua. Според Џван, мандаринскиот се воведува како резултат на глобалниот подем на мандаринскиот, но и со цел да се продлабочат политичките и економските врски меѓу Кенија и Кина.

„Местото на Кина во светската економија исто така порасна до степен што е толку силна што Кенија ќе има бенефит ако нејзините граѓани разбираат мандарински“, истакнува Џван. Со оваа одлука, Кенија ги следи чекорите на Јужна Африка (која воведе мандарински во 2014-та) и Уганда – која планира мандаринскиот да го воведе како задолжителен предмет во средните училишта.

Прочитајте и:  ФТ: Западот останува зависен од Кина поради ниските цени на литиумот и високите оперативни трошоци

Мандаринскиот во Кенија ќе се изучува паралелно со локалните јазици, но и другите странски јазици, како францускиот и арапскиот.

Во воведувањето на кинескиот јазик во кениските училишта и изготвување на програмата директно помогнаа учители од Кина. Паралелно, на кениските ученици им беа доделувани стипендии за да студираат на кинески универзитети. Таквата „взаемна соработка“ е од стратешки интерес за Кина, која ѝ позајми милијарди долари на Кенија, изгради железничка пруга меѓу двата најголеми кениски градови, одржува бројни и големи културни фестивали во источноафриканската држава, и чии градежни компании се вклучени во изградбата на речиси сé во Кенија – од патишта, па до станови и живеалишта. Уште пред кинеската доминација на „црниот континент“, Кина го отвори првиот конфучијански универзитет во Африка токму во Најроби, Кенија.

via Quartz

 

- Реклама -