Американската манекенка Кејт Аптон конечно се огласи на критиките дека нејзиното тело не е манекенски градено и дека таа, всушност, е малку дебела. Имено, 20-годишната убавица одговори дека не сака поради работата да се изгладнува и да биде несреќна.
Иако таа не е ниту дебела ниту анорексично слаба, туку со нормална телесна тежина, блогерот зад Skinny Gossip во неодамнешен блог-пост ја нарече со голем број погрдни имиња, велејќи дека нејзината градба е вулгарна, дури и малку порнографска. Во постот исто така се вели дека таа „има огромни бутови, нема половина, има огромни виснати гради и ужасна телесна дефиниција“.
Аптон конечно реагираше на навредливите зборови, едноставно и искрено велејќи дека не сака да се изгладнува само за да биде слаба. Таа изјавила дека сака да ужива во животот, а тоа не може да го стори ако не јаде. Нагласила дека кога не јаде е несреќна и се чувствува ужасно.
Според британскиот таблоид The Sun, нејзиното лице за односи со јавност ги отфрлило коментарите на блогот како апсурдни, велејќи дека Кејт е прекрасна и многу здрава.
Откако постот стана вирален, голем број останати блогови и медиуми го ословија Skinny Gossip како сајт што поддржува анорексија. Авторот на блогот, пак, тврди дека станува збор за страница што е на страната на слаботијата и ги повикува сите анорексични да побараат помош.
{youtube}MCUnWIs88CQ{/youtube}