Ќе се брише ли „20 проценти“? Сѐ што ќе значи унапредување на односите е добра основа за промени во Уставот, вели Ковачевски

Сѐ што ќе значи унапредување на односите помеѓу сите граѓани и на државата ќе биде добра основа за промена на Уставот, а со членството во ЕУ сите граѓани ќе бидат еднакви и затоа треба да се носат одлуки за остварување на таа цел, изјави премиерот Димитар Ковачевски при денешната посета на Кичево, одговарајќи на новинарско прашање дали по пописните резултати е можна уставна промена по најавите на албанските партии за бришење од Уставот на 20 проценти, пред сѐ во делот на употреба на јазикот.

Ковачевски додаде дека тоа е регулирано со Законот за употреба на јазиците, а дека процедурата за уставни промени предвидува да се отвори дебата во Собранието помеѓу политичките партии, по што би се вклучиле и експертите.

„Ние сме држава во Европа која што на највисок пиедестал ги има искачено правата на помалите заедници, на сите заедници во државата. За тоа потврда е дека сме држава која што има Министерство за политички систем за права на заедниците, имаме Агенција за јазици итн. – сите оние институции кои обезбедуваат рамноправност и застапеност на сите граѓани, без разлика на тоа на кој кој јазик зборуваат и од кое етничко потекло се. Во однос на Уставот, да, има такви најави нормално. Уставот се менува со уставна процедура, значи Собранието да отвори дискусија, најпрвин на политичките партии, а потоа се вклучуваат и експерти“, рече Ковачевски.

Сѐ она што ќе значи унапредување на односите помеѓу сите граѓани, на животот, на државата, како основа за личен и професионален развој на секој граѓанин без разлика на неговото потекло и јазикот кој што го зборува, нормално дека ќе биде добра основа за какви било промени на Уставот, додаде тој.

Прочитајте и:  Митева: Филипче, Заев и Ковачевски свесно ја втурнаа Македонија во црно сценарио, да биде оставена сама на Балканот и неинтегрирана

Ковачевски истакна и дека со членството во ЕУ сите граѓани ќе бидат еднакви и оти треба да се носат одлуки за остварување на таа цел.

„Она што е цел на секоја држава која сака да биде целосно вклучена во евроинтеграциите, а ние како држава, особено како политичари и претставници на политички партии што тоа го имат зацртано во своите прорамски определби (и тоа пред сѐ тука мислам на коалициските партнери што ја сочинуваат оваа Влада), јасно знаеме дека еден ден кога ќе станеме членка на ЕУ, а тој ден ќе биде сигурно доколку се залагаме сите заедно, тогаш сите граѓани ќе бидат еднакви граѓани и на државата – Република Северна Македонија и на Европската унија. Тоа е всушност целта којашто треба да ја оствариме, тоа се одлуките што треба да ги носиме“, рече Ковачевски.

Северна Македонија е држава која донесе тешки и големи одлуки, особено во мандатот на оваа и на претходната Влада, посочи премиерот.

„Благодарание на тие одлуки сме членка на НАТО, имаме исклучително добри односи со сите соседни држави, имаме односи во државата кои се на највиско ниво помеѓу сите граѓани, се наоѓаме на чекор до отворање на преговорите со ЕУ… што секако не зависи само од нас, туку од предизвиците и од нивното решавање што ги имаме со Република Бугарија и нормално од ставот на сите земји членки на ЕУ.

Политичарите треба да носат одлуки од кои нема да зависи само нивниот личен рејтинг за наредните избори, туку да носат одлуки од кои ќе зависи просперитетната и добра иднина на сите граѓани во годините пред нас“, порача Ковачевски.

Извор: МИА

- Реклама -