Ќе дочекаме ли роботите да ни мијат садови?

Според поранешниот извршен директор на Google, а сега претседател на Alphabet (компанијата мајка на Google) – Ерик Шмид, полето во кое луѓето најмногу од сé сакаат да бидат заменети од роботите е миењето садови.

„Таа желба е буквално број 1. И ова го велам врз база на исцрпно истражување“, изјави тој за време на една технолошка конференција.

Сепак, колку и да мечтаеме, Шмид не смета дека тоа може да се случи во скора иднина.

„Тоа е исклучително тежок проблем за решавање. Зошто? Замислете само што сé е неопходно за тоа. Треба да сте присутни во ситуацијата, да процените каде се наоѓаат објектите, да го идентификувате секој објект околу вас, да помните што каде стои, да ги наместите садовите на соодветен начин, и сето тоа во реално време“, објаснува Шмид.

Вели дека во блиска иднина поверојатно е вештачката интелигенција да му асистира на вашиот матичен лекар, отколку да ви мие садови. Во малку подалечна иднина, пак, Шмид гледа свет во кој е поверојатно компјутерите да бидат научници, отколку да мијат садови.

Просечна кујна после ручек/вечера. Ви личи на ситуација во која може да се снајде робот?

„Јас се надевам дека по едно 10-15 години, физичар ќе може да му постави на компјутерот сериозен проблем поврзан со физиката, и додека спие, компјутерот да ги анализира сите податоци и да предвиди и нови сценарија/решенија околу кои физичарот ќе може да почне да размислува“.

Прочитајте и:  Си: Вештачката интелигенција не смее да биде игра на богатите земји и луѓе

Какви точно ќе бидат вештините на вештачката интелигенција, останува да видиме, но според Шмид не е спорно дека AI-то ќе станува сé поголем дел од нашето идно секојдневие и ќе придонесе да имаме подобра иднина.

Многумина, меѓу кои и Илон Маск, се скептични околу делов со подвлеченото. Тој смета дека интензивирањето на автоматизацијата ќе остави толку многу луѓе без работа, што владите ќе мораат да им исплатуваат пари на луѓето за да можат да живеат (поконкретно, Маск се залага за универзален основен приход).

Според Шмид, сепак, роботите и вештачката интелигенција ќе ја променат работата која треба да се заврши, а нема да ги заменат луѓето, т.е. ќе ги заменат задачите, а не работните места, како во примерот со физичарот. Не само тоа, туку поголемата ефикасност и поголемата соработка со вештачката интелигенција ќе отвори и многу нови кои можеби и никогаш не ни паднале на памет.

На крајот, само времето ќе покаже. Или оптимизот на Шмид ќе се покаже како оправдан, или роботите ќе си се бават со медицина и наука додека ние ќе си бидеме садомијачи.

- Реклама -