Кари го продолжи договорот со Вориорс на уште една година за 62,6 милиони долари


Американската кошаркарска ѕвезда, 36-годишниот Стивен Кари, го продолжи договорот со НБА франшизата Голден Стејт Вориорс на уште една година, односно до летото 2027 година, за цели 62,6 милиони долари, потврди неговиот менаџер Џеф Остин.

Кари пред две години потпиша четиригодишен договор со Вориорс вреден 215,4 милиони долари и има да одработи уште две сезони од тој договор, а веќе потпиша и продолжување според кое во просек ќе заработува уште повеќе по сезона.

Кари целата своја професионална кариера ја помина во Вориорс, кои го избраа како седми пик на драфтот во 2009 година, а во изминатите 15 сезони го предводеше клубот од Заливот до четири шампионски титули во НБА (2015, 2017, 2018, 2022 година) со уште два настапа во финалето (2016, 2019).

Кари двапати (2015, 2016) ја освојуваше наградата за најкорисен играч (МВП) на сезоната, а во 2022 година беше и МВП на финалето. Двапати беше најдобар стрелец во сезоната, а со 3.747 погодени „тројки“ е рекордер на најсилната лига во светот во таа категорија.

Во досегашната кариера на 956 натпревари во првенствениот дел од сезоната тој имаше просек од 24,8 поени со 6,4 асистенции и 4,7 скока, додека минатата сезона имаше просек од 26,4 поени, 5,1 асистенции и 4,5 скока. Во плејофот оствари просек од 27,5 поени, 6,2 асистенции и 5,3 скока на 147 натпревари.

Со 23.668 поени, 6.119 асистенции, 1.473 освоени топки и 956 одиграни натпревари, Кари веќе е рекордер на Вориорс во си те овие статистички категории.

- Реклама -