„Бугарија е државата која отсекогаш ѝ помагала на Македонија. Нема да почнам да набројувам дека бевме првите кои ги признавме, дека благодарение на нашата дипломатија и бугарските политичари вклучително и Русија ја призна Македонија – тука во Софија Елцин го потпиша указот за независност на Македонија, ѝ помагавме финансиски, помагавме за време на ембаргото и уште во време на југоембаргото, помагавме и воено, на секаков начин“, рече бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана на Бугарија – Красимир Каракачанов, во интервју на бугарската БНТ, прашан дали „конечното НЕ“ е победа за Бугарија или за неговата ВМРО.
Каракачанов, набројувајќи ги горенаведените примери, пред сѐ посочи дека не се работи за конечно „НЕ“ и дека Бугарија не против интеграцијата на Македонија во ЕУ. Тој истакна и кои биле очекувањата на бугарската страна за тоа како ќе возврати македонската на сите наведени пријателски чекори:
„Што очекувавме? Очекувавме не враќање на онаа романтична претстава за Македонија од почетокот на 20 век, туку еден нормален колегијален однос како меѓу две држави во кои живее еден народ којшто зборува еден јазик, кој се разбира без преведувач. Ако отидете во Грција и не знаете грчки – ви треба преведувач, ако отидете во Романија – исто така, така е и во Србија во голема мера.
Што добивме? Добивме, низ сите овие години, едни заткулисни игри, едни затскриени или отворени претензии за таканаречено ‘македонско малцинство’, вклучително и глупавата претензија населението во благоевградската област да го изучува таканаречениот ‘македонски јазик’, кој е создаден 1945 година“, рече Каракачанов.
Такви и слични апсурди, истакна бугарскиот вицепремиер, можат да постојат само во некои коминтерновски мозоци. Според него, политичката елита во Македонија е продукт токму на таа коминтерновско-југославска идеологија на антибугаризам.