„Ние сакавме нешто многу просто и јасно – Договорот од 2017 година кој беше потпишан, едноставно да биде почитуван. Да се расчистат тие спорни прашања, зашто се апсурд“, изјави бугарскиот вицепремиер Красимир Карачанов во интервју за БНТ, откако претходно посочи дека во двете држави “еден народ којшто зборува на еден јазик“, а како апсурдни ги оцени барањата за „таканаречено македонско малцинство“ и „населението во благоевградската област да го изучува таканаречениот македонски јазик“.
„Целиот свет во времето на средновековјето го нарекувал бугарскиот цар Самуил ‘бугарски цар’ и ‘Бугарин’. Самиот византиски император кого тој го победил – Василиј, се самонарекувал ‘Бугароубиец’ “, вели Каракачанов.
Според него, целата светска наука и ден денешен го нарекува Самуил „бугарски владетел“, само колегите од Скопје од „таканаречена меѓудржавна историска комисија“ се инателе, како што рече, „како магаре на мост“.
„Тие имале некаков мулти-не-знам-си-каков однос кон историјата“, саркастичен е Каракачанов, алудирајќи на она кое постојано го повторува – како единствено можно решение, копретседавачот на македонскиот дел од комисијата Драги Ѓоргиев, а тоа е мултиперспективност во учебниците околу спорните прашања за кои македонските и бугарските историчари не се сложуваат.
„Извинете, ама вие можете да имате каков сакате однос кон историјата. Историјата која има факти е прецизна наука. Вие утре можете да решите дека сте марсовска нација и дека цар Самуил слегол од Марс, ама не е така, за ваша жал“, рече Каракачанов со потценувачки тон.