„Северна Македонија треба да го почитува и спроведува договорот кој го потпишаа пред три години. Не е неопходно да се потпишува нов договор“, вели бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана – Красимир Каракачанов, во интервју на бугарското „Дарик радио“ пред неколку дена, во кое главна тема беа односите меѓу двете земји.
„Во Скопје се обидуваат да ја вратат историјата 1.000 години наназад за да можат да дадат легитимитет на теоријата на Коминтерната, а по 1944 година и на Титова Југославија“, рече Каракачанов, според кого во Договорот за добрососедство јасно е кажано дека „треба да се исчистат фалсификатите во однос на историјата“.
„Во Скопје решија дека можат да се закачаат со Бугарија. Веројатно добиле охрабрување од една или од друга земја, но продолжуваат на тој провинцијално-простачки начин да се однесуваат со една држава од која зависи нивната европска иднина“, потенцираше бугарскиот министер за одбрана.
Во интервјуто, тој побара историјата до 1944 година да биде остана на мира, а во учебниците по историја да се запре со „гнасниот фалсификат“.
„Историјата на Македонија до 1944 година е бугарска историја, тоа е позицијата на нашата земја“, категоричен беше тој.
Покрај тоа, Каракачанов ја обвини Македонија за провокација, а најави и дека ќе го испрател инженерскиот полк (на бугарската армија) да дојде во земјава и да интервенира во спомениците:
„Буквално вчера тие одбија да работат во заедничката комисија. Празнуваа на 11 октомври национален празник против таканаречниот, од нивна страна, ‘бугарски окупатор’…
Ако треба ќе им го пратам инженерскиот полк за да ги отстранат сите споменици кои не одговараат на историските факти“, порача Каракачанов.