Научници од Универзитетот во Квинсленд развија тест што може да биде користен за дијагностицирање на сите видови рак. Се базира на уникатен ДНК „потпис“ кој, се чини, е заеднички за сите видови рак.
Секој вид на рак, дали е рак на дојка или рак на цревата, има различни генетски и други особености. Тест што открива еден тип на рак може да не открие друг тип на рак. Затоа истражувачите долго време бараа заедничка особина кај разните видови канцер, со цел да развијат дијагностичка алатка што може да биде применета за сите видови.
Во истражувањето објавено во Nature Communications, австралиските научници откриле дека ДНК-та на канцерот формира уникатна структура кога ќе се стави во вода. Оваа структура била иста кај сите разгледувани примероци, како кај ракот на дојка, така и кај ракот на простата и ракот на цревата, како и кај лимфома.
Како работи
Моментално, детекцијата на рак вклучува биопсија на дел од ткивото – хируршка процедура при која се собира примерок од туморот на пациентот. Ова ново откритие може да е клучен чекор кон помалку инвазивен метод на дијагноза – нешто што научниците долго го посакуваа.
Една од новите можности е течна биопсија – тестирање на канцер-ДНК која циркулира во крвта, кое се базира врз однесувањето на специфична група молекули наречена метилна група.
Меѓутоа, досега не било истражувано однесувањето на таа метилна група во воден раствор. Кога го направиле тоа, научниците од Квинсленд откриле дека ДНК фрагментите на канцерот во вода се превиткуваат во тридимензионални структури, што не е случај кај ДНК-та на неканцерозните клетки.
Научниците исто така откриле дека канцерозната ДНК има голем афинитет кон злато (златото во лабораторијата често се користи за детектирање на биомолекули, како ДНК-та, бидејќи златото го афектира молекуларното однесување на начин што предизвикува видлива промена во бојата). Тоа значи дека силно се врзува со златните честици, а тоа им овозможило на научниците да развијат тест кој може да детектира канцерозна ДНК во крвта и ткивата со помош на малку прочистена ДНК растворена во раствор со златни честици. Со едноставно набљудување на промената на бојата, можно е да се идентификува канцерозната ДНК со голо око за помалку од 5 минути (како еден вид лакмусова хартија).
Што е следно
Од тестирани над 200 примероци од ткива и крв, тестот покажал 90% прецизност (прецизен е 90 од 100 случаи), што е важно за да се избегнат лажни дијагнози – или false positives, како што ги нарекуваат во медицината, каде рак всушност нема.
Следниот чекор е да се тестираат и други видови рак, но сличноста на метил групата кај сите видови алудира дека истиот метод ќе биде универзално ефикасен.
Следниот чекор е да се направат дополнителни испитувања и голема клиничка анализа (која би открила во колку рана фаза може да се користи ваков метод на откривање), а потоа, ако сé е како што треба, и тестирање на луѓе.
Подетално на Science Alert.