Париз, 1 март 2022 (МИА) – Канскиот филмски фестивал соопшти дека „нема да ги пречека“ руските делегации на претстојното 75-то, издание што ќе се одржи од 17 до 28 мај 2022 година, доколку не престане воената агресија во Украина, јави дописникот на МИА.
– Канскиот фестивал сака да ја изрази својата целосна поддршка на украинскиот народ и на сите оние кои се наоѓаат на нејзина територија. Колку и да е скромно, ние го обединуваме нашиот глас со сите оние кои се противат на оваа неприфатлива ситуација и го осудуваме ставот на Русија и нејзините лидери, се вели во соопштението за печат.
Одлучено, се вели во соопштението од Канскиот фестивал, да не се пречекуваат официјални делегации од Русија ниту да се прифати присуството на која било тело поврзана со руската влада, освен ако воената агресија не престане.
Верен на својата историја, која започна во 1939 година во отпорот на фашистичката и нацистичката диктатура, Канскиот филмски фестивал секогаш ќе биде во служба на уметниците и филмските професионалци, чиј глас е кренат за да го осудат насилството, репресијата и неправдата и да го бранат мироти слободата, се вели во соопштението на најпознатиот филмски фестивал во светот.