Американскиот рапер Кање Вест, често предмет на контроверзии во САД, е во приватна посета на Москва, објавија руските медиуми. Тоа се случува во период кога западните музичари во голема мера ја избегнуваат Русија по нападот на Украина во февруари 2022 година.
„Кање Вест е во Москва. Тоа се одлични вести, тој е во срцето на главниот град“, објави продуцентката Јана Рудковскаја.
Таа, инаку, е сопруга на еден од најголемите и најтрофејни лизгачи во историјата на спортот, Јевгениј Плушенко.
Ксенија Собчак, поранешна кандидатка на претседателските избори, на „Телеграм“ објави видео на коешто, вели, се гледа познатиот рапер на покривот на познатиот трговски центар „ГОУМ“ го набљудува Црвениот плоштад. Според наводите, Кање е во Москва за да го прослави 40. роденден на својот пријател Гоша Рубчински – познат моден дизајнер, фотограф и основач на бренд, инспириран од падот на „Железната завеса“ и руската младешка улична култура.
Кање Вест и самиот е дизајнер и има свој моден бренд – „Јизи“.
Инаку, Кање е познат и по контроверзиите – наводно, во минатото изразувал воодушевување од рускиот претседател Владимир Путин, на пр., како и пофалби кон Адолф Хитлер и антисемитизмот. Поради неговите јавни изјави тој стана своевиден „одметник“ во забавната индустрија, па повеќе компании коишто соработуваа со него ги прекинаа договорите.