Канада од ноември ќе започне да воведува нови банкноти од полимер наместо оние сегашните банкноти од памук-хартија кои полесно се оштетуваат. Првите банкноти кои ќе бидат заменети ќе бидат банкнотите од 100 долари. Банкнотите од 50 долари ќе започнат да бидат заменети од следниот март, а остатокот од банкнотите ќе бидат заменети со пластични пари до крајот на 2013.
Банкнотите од полимер се поиздржливи од хартиените пари. Bank of Canada очекува дека новите банкноти ќе траат до 2,5 пати подолго од оние од хартија. Исто така новите банкноти ќе бидат потешки за фалсификување. Некои од новите безбедносни мерки вметнати во банкнотите се подигнато мастило, скриени броеви и метални слики во прозорчиња. Текстурата на банкнотите е мазна и слична на восок, истите не можат да бидат лесно истуткани и многу потешко се кинат.
Новите банкноти од 100 долари се пошарени од хартиените, на нив има два портрети на премиерот Роберт Борден – голем портрет на предната страна на банкнотата и помал, метален портрет сместен во прозорчето, кое е со ширина на целата банкнота. На другата страна од банкнотата има слика од научник кој гледа низ микроскоп, ДНК и електрокардиограм, како и шише инсулин и зборовите „медицинска иновација“.
Банкнотата од 50 долари ќе има слика од истражувачкиот мразокршач Амундсен на канадската крајбрежна служба и мапа од северот. Дизајнот на банкнотите од 20, 10 и 5 долари ќе бидат откриени подоцна. Бојата на банкнотите е иста како и кај хартиените. Конзервативната влада на Канада во буџетот за 2010 година најавила дека земјата ќе ги замени хартиените со синтетички банкноти.
Марк Карни, гувернерот на Bank of Canada, изјавил дека банкнотите се потребни за борба против фалсификувањето. Бројот на лажни банкноти кои биле пуштени во циркулација го достигнал врвот во 2004 година но одтогаш е во постојан пад. „Банкнотите од полимер се уникатни“ изјавил Карни. „Не постои ниту една друга валута како нив.“ [Get ready for more plastic in your wallet; Canada switching to polymer bills]