Бизнисменот Орце Камчев денеска не е на одмор во Бугарија, туку е во Скопје и утрово давал нов исказ за „Рекет“ пред обвинителката Вилма Рускоска во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, потврдија од Обвинителството откако информацијата од неофицијални извори ја објави порталот „Правосудство.мк“.
Ова е втор исказ на Камчев за случајот „Рекет“, откако првпат сведочел на 2 мај, кога и го пријавил случајот. Камчев бил повикан во улога на сведок, односно во случајот „Рекет“ има статус на оштетен, како што објави порталот.
Според добро информиран извор на „Либертас“, Камчев со своето семејство се вратил од одмор викендов. За него смешни биле шпекулациите дека Камчев е избеган од државата. „Тој има пасош и беше на летување“, вели изворот.