Ситуацијата во бугарско-македонските односи треба да се промени во двата правца – Бугарија треба да престане да се заканува и да мафта со прст, а Македонија треба да престане со провокациите, смета поранешниот бугарски вицепремиер и министер за надворешни работи Ивајло Калфин.
„Треба да размислиме како можеме да живееме како соседи, а не како земји во конфликт… Трајно треба да се смени однесувањето од двете страни на границата. Ние не треба постoјaно да мафтаме со прстот и да се закануваме со вето, а од нивна страна постојано да се прават некои провокации, туку да се работи нa решенија за спорните прашања – како да се отворат границите, како луѓето да патуват, да се намалат провокациите“, изјави Калфин за БНР.
Според него, правата на луѓето треба да бидат во центарот на она што го прави Бугарија.
И покрај тоа што, според него, „провокациите“ доаѓаат од македонска страна, Калфин признава дека проблем предизвикуваат и иритирачките изјави на некои бугарски политичари, како и имињата на бугарските клубови во земјава.
„Изјавите на некои бугарски политичари кои се обидуваат уште малку да си ја продолжат политичката кариера – дека Република Северна Македонија ја нема и не постои, не помагаат. Не треба да се заборави и дека културните клубови во РСМ се именувани по личности кои очигледно спорни и иритирачки за нивната јавност“, вели Калфин.
Извор: МИА