Веројатно во вашите детски денови сте ја персонифицирале Новата Година, замислувајќи ја како убава млада девојка со новогодишна капа, или можеби стара добродушна баба во стилот на Баба Мразица.
Сепак, со мало задоцнување, од Јапонија ни пристигна прекрасна видео-приказна што ќе ни открие како всушност изгледа таа.
Фотографирањето од балон е тренд кој зема се повеќе замав во последните години, а Кеисуке Иваја е еден од најдобрите во оваа „дисциплина“, воодушевувајќи ја интернет-публиката уште од 2011-тата.
Во 2014-та, Кеисуке си зема за задача да го фати првото изгрејсонце во новата година на камера, и тоа од стратосферата, на висина од 30 километри!
Егзекуцијата на планот започнала рано изутрина на 1 јануари, додека сé уште било темница, а и доста студено, -7 Целзиусови. Балонот летал нагоре околу еден час, кога ги фатил првите сончеви зраци. Продолжил да се крева и стигнал до границата од 30 километри (само 8 километри помалку од висината од која скокна Феликс Баумгартнер во 2012-та). Откако го достигнал стратосферскиот лимит, балонот пукнал, токму според планот, а камерата паднала на Земјата. Кеисуке успеал да ја пронајде на 195 километри од точката на лансирањето.
Еден ваков балон, патем, покрај брилијантноста на Кеисуке, би ве чинел околу 240 долари.
Како и да е, видеово ќе ви покаже дека погледнат од стратосферата, светот изгледа многу поинаку, ама со него и Новата Година… Погледнете сами: