Во ова брзо време, дури и таа секунда откако ќе го притиснете копчето во лифтот – до моментот додека да тргне, може да го извади човек од такт. За среќа, речиси пред секој лифт, или во него, секогаш има огледало.
Тоа огледало е таму зашто така го смислиле некои паметни луѓе од минатото. Не е ниту случајност, ниту некакво Фенг-Шуи дизајнерско решение кое има врска со протокот на енергија, ниту пак елемент со примарна функција да си ја средите фризурата/шминката. Се работи всушност за психолошки трик кој има за цел да ни го оттргне чекањето од умот.
Имено, истражувањата покажуваат дека повеќето луѓе губат чувство за времето кога им е забавно, а набљудувањето на својот одраз е активност која речиси без исклучок ги преокупира луѓето.
Идејата се родила во текот на индустрискиот бум по Втората светска војна, кога воедно и се зголемил бројот на лифтови, но и поплаки што се однесуваат на нивната бавност. Поставувањето на огледала се покажало ефективно во бројни примери – во хотелските лобија, на аеродромите…
Конкретен пример од поблиското минато има од една неименувана компанија чии канцеларии биле на највисокиот кат на една стара историска зграда во центарот на градот. Зградата потекнувала од 19-от век, па имала старомоден, многу мал и многу бавен лифт. Управата на компанијата почнала да добива сé повеќе поплаки од вработените, кои секое утро поминувале долго време чекајќи пред лифтот. Управата свикала голем состанок за да се дискутира за тоа како да се подобри ситуацијата. Неколкуте идеи што биле презентирани подразбирале голем финансиски трошок. Тогаш еден од менаџерите предложил да стават огледало пред лифтот. „Тоа ќе ги забавува луѓето додека чекаат!“, била суштината на неговата идеја. Повеќето го сметале предлогот за апсурден, но бидејќи едно огледало се чинело како евтино решение, директорот решил да го испроба. Од моментот кога било поставено огледалото во ходникот за чекање, управата веќе не добивала поплаки.
Местење фризура
Психолошките истражувања покажуваат дека кога луѓето ќе се најдат во ситуација во кога се соочени со огледало, секогаш наоѓаат нешто за правење. Така, многумина ќе ја средуваат фризурата, а другите ќе проверуваат дали имаат храна меѓу забите, ќе проверуваат како им изгледа лицето, ќе ја поправаат шминката, ама и ќе проверуваат како им изгледа задникот.