Како розевата стана женска боја

mamie-3-656x365[1]

Низ историјата, розевата боја не беше резервирана стриктно за женскиот пол (иако и сега таквата ситуација се менува). Имено, розевата беше подеднакво популарна и кај мажите и кај жените, а кај мажите тоа се провлекуваше уште од дамнешни времиња. Во еден магазин од 1918-та пишува: „општоприфатено правило е дека розевата е за момчиња и сината за девојчиња. Како силна боја, розевата е многу попримерна за машките, додека нежната и прекрасна сина им одговара на женските“.

Магазинот Time, во 1927-та, спровел истражување помеѓу водечките детски бутици во Америка. Најголемиот дел од нив ја препорачувал розевата за момчињата. Сепак, најголем дел од родителите ги облекувале децата во неутрални бои, особено во бела, бидејќи е едноставна за одржување, а можеле да ја носат и момчињата и девојчињата. Така било сé до 50-тите.

„Момче со камшик“ од непознат сликар, 1840 година.
„Момче со камшик“ од непознат сликар, 1840 година.

Многу историчари тврдат дека пресвртница била инаугурацијата на Двајт Ајзенхауер во 1953 година. Мами Ајзенхауер, првата дама, на инаугуративниот бал дошла во прекрасен розев свечен фустан, опшиен со дијаманти. Модните дизајнери и весниците ја прогласиле за нова модна икона, а со оглед што Нејзината омилена боја била (погодивте?) розевата, модните критичари ја прогласиле за нова хит боја. Ваквиот чекор бил добредојден како неопходна воздишка од последната деценија исполнета со војни – на луѓето им требало промена од тмурните времиња и темните бои.

Другиот „розев триумф“ се случил благодарение на мјузиклот „Смешно лице“ од 1957-та година – филм кој ја слави модата и розевата боја во една од најлегендарните реченици кои ги изговара уредничката на списанието – „уништете ја црната, спалете ја сината и закопајте ја беж бојата. Од сега, мислете розево“. Розевата дополнително ја зацврстува својата популарност, и кај женската, но и кај машката популација. Во тој период е модерно да имате розеви предмети по дома, а и розева кујна.

roza1

Друга голема промоторка на розевата била и славната автомобилистка Дона Мае Мимс, позната како „Розевата дама“. Надимакот го добила бидејќи носела розево тркачко одело, додека возела розев тркачки автомобил, на кој пишувало „мисли розево“. Розевата ја сака и Хилари Клинтон. Таа боја е чест избор при нејзините јавни настапи.

Научниците често ја истакнуваат улогата на розевата врз човековата психа. Потврдено е дека изложеноста на големи количини на розева боја може да има смирувачки ефект врз нервите. Додуша, само накратко – по некое време се јавува спротивен ефект. Затоа, биле машко или женско, не претерувајте.

- Реклама -