Како правилно да ја користите климата во вашиот автомобил

Екстремните горештини ги натераа сите граѓани да користат клима дома, во канцеларија и во автомобил, но според многу експерти, повеќето климата во автомобилот ја користат на погрешен начин.
Иако постои од 1939 година, сепак многумина се уште грешат при подесувањето на клима уредот во нивниот автомобил. Последните години автомобилите доаѓаат со клима уреди со автоматска регулација, но различните произведувачи различно го замислуваат поставувањето за оптимална ефикасност и удобност, па поради тоа и различно ги прилагодуваат сензорите и алгоритмите.
Ефикасноста на клима уредот во голема мера зависи од конфигурацијата на системот, односно од силата, вентилационите канали, програми и слично. Во секој случај, за безбедно и здраво користење на климата во автомобилот, се препорачува да се придржувате до овие совети.
Проветрувајте го автомобилот – доколку е можно, проветрете го автомобилот пред возење. Доколку тоа не е можно, во голема мера ќе помогне кабината побрзо да се излади доколку возите километар-два со отворени задни прозори, додека климата е вклучена. Кога воздухот внатре ќе се промени, затворете ги прозорите и вклучете циркулација на воздухот во затворен простор.
Експертите предупредуваат температурната разлика помеѓу автомобилската кабина и надвор да не биде повисока од 7 степени целзиусови, со цел избегнување на настинки, кашлање и воспаление на очите.
Исто така се препорачува отворите за вентилација да не бидат насочени кон делови од вашето тело, особено не кон главата.
Кога кабината ќе се излади, нема смисла клима уредот да работи со полна сила, па прилагодете ја брзината на вентилаторите според потребите, но со поновите, автоматски системи, оваа работа ефикасно ја завршува самиот систем.
Лекарите препорачуваат постепено да ја подигнувате температурата во автомобилот како што се приближувате кон својата дестинација, за да го избегнете шокот доколку надвор е многу жешко.

Извор