Можеби најдобар пример за полиглоти се оперските пејачи. Покрај техниката на пеење мора да знаат што повеќе јазици. Така овие уметници се корисен извор на информации и методи како за кратко време да научите странски јазик. Пејачот Гебријел Вајнер успеал за кратко време да научи италијански, германски, француски и руски и своето драгоцено искуство го споделил со своите колеги.
„Ова е метод во четири чекори благодарение на кои научив француски до средно ниво и тоа за пет месеци. Токму сега го применувам со рускиот јазик“, рекол оперскиот пејач.
Колку ќе трае секој од чекорите зависи од блискоста на странскиот јазик со мајчиниот и колку слободно време имате. На Вајнер за францускиот му требале 30 до 60 минути дневно со англиски како мајчин јазик.
Прва фаза – учете правилен изговор
Трае од една до две недели, доколку е во прашање јазик со сродна азбука. Многу е важно да го слушате добриот изговор, мора да знаете како звучи јазикот и тоа пред да почнете со класично, школско учење. Тука постојат повеќе начини – на Интернет има многу сајтови каде што можете да го слушате изговорот на секоја реченица и фраза, mp3 снимки и водичи за јазици.
Втора фаза – оваа фаза трае 3 месеци
Вајнер ја користел програмата Анки која во себе има систем за повторување така што пејачот учел 20 до 30 зборови за само половина час. Со повторување и повторување и тоа благодарение на софтверот за смартфон. Потоа се вклучил во програмата за учење странски јазици „Middlebury College”. Најмногу му помогнал методот кој не дозволува превод на мајчиниот јазик, туку се користи само јазикот кој се изучува. Во програмата Анки вметнал зборови кои најчесто се користат и кои лесно може да се опишат со слика, а потоа глаголи и придавки. Потоа ги спојувал зборовите во реченици и ги проверувал на сајтот lang-8.com пред да ги сочува во Анки платформата за подоцна да ги преслуша.
Трета фаза – слушање, пишување, читање
Веќе усвоивте пристоен вокабулар и јасни ви се граматичките принципи. Во оваа фаза важно е да гледате телевизија на јазикот што го изучувате, да читате весници на тој јазик, книги, да пишувате што ќе ви дојде на памет. Се што ќе напишете програмата Анки го проверува. Тука е важен квантитетот – читајте, слушајте за се што ве интересира.
Фаза четири – говор
Вајнер оваа фаза ја поминал на курс од седум недели. Поентата е себе си да се доведете во ситуација да бидете принудени да го зборувате странскиот јазик без помош со мајчиниот. Ако немате време или пари за курсеви, тука е Интернетот. За да научите течно да зборувате странски јазици, мора да зборувате, постојано и постојано додека вашиот мозок не ги сложи сите информации што ги примил во првите три фази.