Да, знаеме дека светот ќе биде многу поинакво место во 2045 година, и дека иднината е исполнета со предизвици, но по некоја логика, експертите од Пентагон имаат троа повеќе информации. Затоа ги прашаа нив.
Американската агенција за напредни одбранбени истражувачки проекти (DAPRA), која е основана во 1958 година и е во тесна врска со Пентагон, стои зад некои од најголемите иновации во воената област. Многу од тие иновации преминаа и на пазарот на цивилната технологија. Тука мислиме на авангардната роботика, системите за глобално позиционирање (GPS), и нормално – интернет. Така, луѓето од DARPA/Пентагон се и повеќе од релевантни да изнесуваат предвидувања кога станува збор за технолошкиот напредок.
Па, што ќе се случи во 2045 година?
Многу е веројатно дека роботите и вештачката интелигенција ќе променат цела низа индустрии, дроновите ќе го продолжат скокот од воениот кон цивилниот пазар, а самоуправувачките автомобили ќе го олеснат движењето до работното место. Но, научниците од DARPA имаат уште поголеми визии. Во серија од видеа со наслов „Forward to the Future“, неколку од нив опишаа каква (сметаат дека) ќе биде реалноста по 30 години.
Според неврологот и директор на одделот за биотехнологија на DARPA – Џастин Санчез, човештвото ќе може да ги контролира нештата едноставно користејќи го умот.
„Претставете си свет, во кој ќе можете да ги користите мислите за да ја контролирате околината. Замислете дека ќе можете да контролирате различни аспекти од домот користејќи ги само мозочните сигнали, или дека ќе можете да зборувате со пријателите и семејството единствено преку активноста на невроните во мозокот“, вели Санчез.
Според него, DARPA работи на повеќе невротехнологии кои можат да помогнат тоа да се случи. Веќе постојат и конкретни примери за еден таков вид на футуристичен пробив – мозочните импланти за контрола на протези на рацете. Токму неодамна DARPA ја демонстрираше таквата технологија за прв пат – човек со парализиран ‘рбетен столб реагира при допир. Мозочните импланти му создаваат чувство за допир во протезите.
Но иднината не е само во мозочните импланти. Нé очекуваат и многу други возбудливи нешта, кои ќе ги променат зградите, објектите и предметите околу нас, вели Стефани Томпкинс – геолог и директор на одделот „Одбранбени истражувања“ во DARPA.
Според неа, луѓето ќе имаат знаење, технологија и спобоност да создадат далеку поцврсти материјали, но истовремено и многу полесни. На пример, облакодер од материјал цврст како челик, но лесен како карбонски влакна. Но ваквиот пример е само упростено објаснување на прогнозите на Томпкинс, кои всушност се далеку посложени кога ќе ги поставиме на молекуларно ниво.
„По 30 години си замислувам свет во кој дури и нема да ги познаваме материјалите кои нé опкружуваат“.
Пем Мелрој – вселенски инженер и поранешен астронаут, кој сега е заменик директор на одделот „Тактички технологии“ во DARPA, очекува дека до 2045-та ќе имаме многу различен однос кон машините.
„Мислам дека ќе дојде време кога ќе можеме да зборуваме или просто да притиснеме копче за интеракција со машините, и така нештата ќе бидат поусовршени на поинтелигентен начин, наместо да користиме тастатури и неразвиени системи за препознавање на гласот“, вели тој.
Според Мелрој, во иднина слетувањето на авионите ќе биде толку просто, што ќе биде доволно пилотот да рече само едно „Подгответе се за слетување“. Таа кратка фраза, кажана во 2045-та, ќе биде доволна компјутерот да ја изврши целата низа од сложени постапки и чекори неопходни за извршување на слетувањето. Мелрој не ја исклучува ни можноста пилотите да бидат сосема непотребни.
„Светот ќе ни биде полн со такви примери – да можеме директно да ја соопштуваме намерата и да постигнуваме многу сложени резултати, работејќи заедно (со машините)“, објаснува Мелрој.