Да му одредиш цена на еден продукт не е лесна задача. Ќе ја сметаат ли потрошувачите ниската цена како добра понуда, или како знак за лош квалитет? Дека проблемот е комплициран зборува и постоењето на милиони книги на темата, студиите на престижните универзитети, консултантските проекти итн. А што ако продуктот не е iPhone, или автомобил, или интернет пакет? Како ќе одредите цена ако се работи за еден многу специјален комодитет: дете?
Обично кога зборуваме за „вредност“ на некој човек, зборуваме за неа со апстрактни термини. Сепак, постојат ситуации кога е неопходна конкретна финансиска бројка. На пример, тужбите во кои родители изгубиле дете и бараат отштета од виновната странка. Во вакви случаи, судот е во незавидна ситуација – да одреди колку чини загубата на родителите, а со тоа и животот на детето.
Ако се погледне во историјата на ваквите случаи, доаѓаме до некои сосема шокантни примери што одат во прилог на тоа дека финансиската вредност на децата се има драстично променето.
Во 1896, на пример, двегодишно дете е убиено како последица на негрижа на железничката компанија од Џорџија во САД, а родителите излегле на суд и побарале компензација. Нивниот аргумент бил дека детето завршувало обврски во вредност од 2 долари месечно, што судијата го сметал за занемарливо, па сумата на одредената отштета била еднаква на трошоците за погребот и ни долар повеќе. Судијата заклучил дека „детето било во така рани години, што не било можно да има некаков капацитет за заработка, така што обвинетиот не може да се смета за одговорен за нанесување штета“. Во превод, детето било премногу мало за финансиски да придонесува за домот, така што родителите всушност и не се во некаква загуба. Шокантно повеќе од сите статии со „шокантно“ во насловот заедно, нели?
Такво е затоа што денес, пак, родителите не мораат да ја докажуваат економската вредност на изгубеното дете како услов да добијат компензација. Денес родителите укажуваат на емотивната болка што им е нанесена. За споредба, во ваков случај, еден судија во 1979 (помалку од 100 години подоцна од првиот случај) пресуди 750.000 долари отштета за родителите, откако нивното тригодишно дете умрело од труење со флуорид додека било на забар.
Ситуацијата била многу слична и во Европа, што не води до следното прашање:
Па, зошто децата од безвредни станаа скапоцени?
Новото значење на детството
И двата погорни случаи се опишани во Pricing the Priceless Child, напишана од Вивијана Зелизер. Во книгата, Зелизер – социолог, ја следи еволуцијата на американскиот и европскиот однос кон малите деца.
Нејзините описи за сосема различниот третман кон децата што родителите го имале порано и денес, придонесуваат целата книга да биде шокантна како и погорните примери. Така, Зелизер пишува дека во 18-тиот век во Европа, „смртта на бебе или мало дете бил минорен настан, кој побудувал реакции од типот на индиферентност и резигнација – помиреност со судбината“. Еден француски филозоф од тоа време има напишано: „Имам изгубено две или три деца како бебиња, не без жал, но без голема тага“.
Историчарите, истакнува Зелизер, немаат најдено докази дека Англичаните од тоа време носеле или покажувале било какви знаци на тажење кога мало дете ќе умрело. Французите, пак, ги закопувале младите деца и бебиња во задниот двор, како што денес тоа го прават Американците со домашните миленичиња. Колонијалните Американци, бебињата ги реферирале како „тоа, нештото“ или „мал странец“. А кога смртта на детето била пречекувана со тага, следното родено дете често го наследувало името на починатиот брат/сестра.
За Зелизер, огромната разлика во нашиот однос кон младиот живот тогаш и сега е токму главната поента. Таа аргументира дека децата почнуваат да се „сакрализирани“ т.е. да добиваат статус на светост – во доцните 1800-ти и раните 1900-ти години. Во тој процес, децата се претворија од несентиментализирани, но економски корисни мали луѓе – во економски бескорисни, но емотивно бесценети сwатки богатства.
Тој процес е забележлив во низа аспекти. На пример, реформаторите од средната класа поведоа движење против искористување на детската работна сила, што подоцна го официјализираа со донесување на бројни легислативи во таа насока; иако родителите од работничката класа се противеа на ваквите заложби, затоа што нивните деца, од друга страна, работеа и придонесуваа во домот и во семејните финансии. Дополнително, намалувањето на стапката на морталитет кај бебињата и децата стана примарна јавна здравствена цел. Сега, пак, децата што гинеа во сообраќајни несреќи предизвикуваа дотогаш невидени изливи на тага и колективен бес, што често се манифестираа со градење на јавни споменици во чест на детските жртви.
На процесот на „сакрализирање“ на децата се приспособи и економијата. Децата престанаа да работат во фабрики и наместо тоа тргнаа по „хартиени патишта“ во форма на книги и образование. Порано родителите преферираа да посвојуваат тинејџери, од чија работа можеа да извлечат бенефиции, но сега веќе родителите избираа „бескорисни“ слатки бебиња. Судовите престанаа да ги компензираат родителите на изгубените деца врз основа на тоа колку детето било способно да донесе пари во домот, туку врз основа на нивната сентиментална вредност и страдањето предизвикано од нивната смрт. Кога „Американците“ се доселија во Америка, ги закопуваа децата без некоја посебна „галама“. Во 20-ти век, Американците веќе читаа книги за тоа како да се изборат со неподносливата болка при загубата на дете.
Pricing the Priceless Child прв пат беше објавена во 1985 година, и стана темелник на тоа како значењето на детството се смени со текот на времето, слично како што и идејата за „тинејџери“ настана некаде во 1940-тите.
Но Зелизер исто така се смета себеси и за критичар на авторите (меѓу кои и Карл Маркс) чии теориски модели ѝ доделуваат приоритет на економската мотивација. Исто како што економијата може да влијае на културата, сака да истакне Зелизер, така и културата влијае на економијата: сакрализацијата на децата ги остранува од работната сила, на пример.
Зелизер е свесна и дека економскиот фактор има одиграно улога во тоа како се смени нашиот концепт кон децата. Индустриската револуција и технолошкиот напредок, конкретно, создадоа потреба децата да бидат подложени на долги периоди на едукација пред да можат да бидат ефикасни во работната сила. Сепак, Зелизер не се согласува дека економијата е клучниот фактор за тоа зошто децата толку брзо станаа скапоцени, а детството – така заштитуван период. За аргумент го користи фактот што тоа се случи и кај семејствата од работничката класа, кои имаа финансиска корист од работата на своите деца.
Со други зборови, културата, а не економијата, го имаше главниот збор.
Нејзината теза, дека културата може лесно да го видоизмени пазарот на понуда и побарувачка, се докажува и (особено) денес. Вселенскиот туризам, на пример, ќе цвета само ако луѓето го ценат искуството. Ако го сметаат за непотребен ризик, пак, вселенскиот туризам нема да постои.
На крајот, децата се нашата иднина, но дури од неодамна почнавме да ги цениме како такви.