Градчето Вудленд во Северна Каролина стана интернет хит, откако градскиот совет го одби предложениот план за градење на соларна „фарма“. Ај тоа, ама советот стави мораториум и на сите слични проекти кои би можеле да бидат предложени во иднина. Сепак, во центарот на сеир-метата се причините т.е. аргументите зад ваквата одлука; еден од локалните жители изрази загриженост дека „соларната фарма ќе ја вшмука сета енергија од сонцето“, што според него ќе значи извор на канцер и болести, а и пречка за инвеститорите да дојдат во Вудленд и да отворат бизниси и работни места. „Си го убивате сопствениот град“, беше предупредувањето што човекот го упати кон советот.
И не беше сам. Една пензионирана наставничка по биологија исто така изрази сериозна загриженост дека соларната фарма ќе ја наруши фотосинтезата во областа и дека градот ќе осамне во тажна глетка на мртви билки. Истата таа ситуација, според неа, би можела некако да предизвика и рак. „Сакам да знам што ќе се случи. Сакам информација“, рече наставничката.
Иако претставникот на компанијата што го поднесе предлогот за градба ги убедуваше локалните дека соларните панели ја користат исклучиво директната сончева светлина што удира на нив и дека не привлекуваат дополнителна светлина од својата близина, глупоста на месните жители победи, макар што градскиот совет имаше дадено зелено светло за изградба на соларна фарма во три други претходни прилики.
Очекувано, настанот генерираше куп потсмевливи наслови ширум светот, но во суштина ситуацијата е повеќе од тажна. Се работи за сериозен проблем кој по којзнае кој пат излегува на виделина: од една страна – сериозната потреба за едукација и информирање на населението за важни теми, од друга – неограничената моќ на глупоста и сите нејзини споредни ефекти.