Адвокатскиот тим на Дехерт од Париз, ангажиран од Владата, во претстојниот период ќе ја анализира арбитражната пресуда во спорот меѓу ЕЛ.ПЕТ Балканики и Република Северна Македонија, кој произлегува од Договорот за продажба на акции на Рафинеријата ОКТА од 1999 година по што ќе биде донесена одлука за следните правни чекори кои ќе бидат преземени, информира Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Со Пресудата, потенцираат, е утврдено дека ЕЛ.ПЕТ нема право да бара пенали за периодот додека ОКТА не работела од 2012 до 2019 година, односно дека ова се последните пенали кои државата ги плаќа по основ на Договорот од 1999 година.
„ЕЛ.ПЕТ побаруваше главен долг од 31,590.000,00 американски долари по основ на непотрошен мазут на ОКТА од гарантираната годишна количина од 500.000 тони за годините 2008, 2009, 2010 и 2011 година. Исто така, побаруваше 5 отсто годишна затезна камата сметано од 22.12.2015 година, што во апсолутен износ изнесува околу 11.056.000,00 долари до 22.12.2022 година, како и адвокатски трошоци и трошоци на арбитражната постапка во износ од 1.439.920,00 евра. Вкупното побарување на ЕЛ.ПЕТ Балканики по основ на главен долг и камата изнесува 42.646.000,00 долари“, соопшти Кабинетот на Битиќи.
Оттаму прецизираат дека Арбитражниот суд досуди 21.478.797,00 долари за главниот долг од побаруваните 31.590.000,00 долари, како и затезна камата по ЕУРИБОР стапката која е негативна во претходниот период, наместо побаруваните 11.056.000,00 долари.
„Со тоа вкупно досудениот износ по основ на главното побарување до денес е околу 21.478.797,00 долари, што претставува околу 51 отсто од побаруваниот износ со тужбата (42.646.000,00 долари). На ЕЛ.ПЕТ му се досудени и 787.334 евра за адвокатски и арбитражни трошоци од побаруваните 1.439.920,00 евра. Со Пресудата е утврдено дека вкупната количина на потрошен мазут на ОКТА во период 2008-2011 година изнесува 1.204.489 тони, така што на ЕЛ.ПЕТ му следат пенали од 27 УСД по тон за 795.511 тони мазут“, прецизираат од Кабинетот на Битиќи.
Спорот траеше од 5 декември 2018 година, а застапник на државава беше адвокатската куќа Дехерт од Париз.