Кога сите очекуваа да биде најавен реванш помеѓу Кабиб Нурмагомедов и Конор Мекгрегор, па дури и кружеа шпекулации дека на Русинот му се понудени 15 милиони долари, Кабиб тргна во сосема друг правец, предизвикувајќи го непоразениот боксерски првак Флојд Мејведер на боксерски дуел.
„Флојд, мислам дека е ред јас и ти да се бориме. 50-0 (скорот на победи на Мејведер) против (27-0), ние сме двајца кои никогаш не биле поразени. Зошто да не пробаме? Во џунглата има место само за еден крал, а тој крал сум јас. Флојд не успеа со удари да го прати Мекгрегор на подот, а јас успеав без проблеми. Токму поради тоа, ајде“, му пиша на Твитер рускиот борец на Мејведер.
Но не се сите така уверени во надмоќноста на Кабиб како што е самиот тој. Еден од скептиците е Даниел Кормиер, UFC првак во тешка категорија и воедно тимски колега на Кабиб. Смета дека предизвикот на Нурмагомедов е лоша идеја.
„Кабиб подобро да не ни размислува за тоа. Што ли мисли дека со тоа ќе постигне?“, вели Кормиер, кој беше еден од тие кои по борбата со Мекгрегор се обидуваше да го смири Нурмагомедов.
Боксерската техника на Кабиб е далеку полоша од онаа на Конор Мекгрегор, а знаеме дека ирскиот борец баш и не се прослави во дуелот со Мејведер. Оттаму Кормиер смета дека Кабиб нема речиси никакви шанси:
„Освен ако не мисли да го направи тоа само поради парите, подобро му е да не го прави, бидејќи ќе добие тежок ќотек. Јас го сакам Кабиб, ама реално, Флојд ќе го претепа. Тоа е лудо, мислам дека Кабиб би бил толку исфрустриран што ќе почне да се бори во боксерски ринг. Мене сето тоа ми е смешно, ама така ја гледам ситуацијата. Кабиб наместо со боксирање би тргнал со боречки техники“.
Сепак, предупредувањето на Кормиер можеби е задоцнето. Флојд Мејведер веднаш го прифати предизвикот од Нурмагомедов:
„CBS, Showtime и MGM Grand, спремете ги парите. Погледнете го видеото во кое Кабиб Нурмагомедов ме предизвикува. Да го направиме Вегас повторно голем“, порача Флојд, но сепак, засега нема ништо околу официјална организација на таквата борба.