Претседателот на Европската комисија – Жан Клод Јункер, не е загрижен околу ефектот што можната промена на власта во Грција би го имала врз Преспанскиот договор. Според него, тоа нема негативно да влијае врз договорот, оцени тој на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев, кој е во посета на Брисел.
„Преспанскиот договор е договор помеѓу две држави, а не помеѓу две влади. Владите се институции на државата“, вели Јункер, со тоа констатирајќи дека евентуалната нова грчка влада не би можела да го загрози договорот.
Одговарајќи на истото прашање, Заев го повтори ставот што и претходно го има истакнато – дека придобивките од Преспанскиот договор се преголеми за било која од двете страни да би помислила да го поништува.
„Политичарите доаѓаат и заминуваат, но придобивките за граѓаните остануваат“, рече тој.