ЈСП хороскоп за неплаќачи на карта (шверцери)

Иако во јавниот превоз и самиот хаос не знае кај му е главата, одредени постапки на патниците можат да ви го откријат нивниот хороскопски знак.

 

ОВЕН
Уредно си плаќа карта. Сé му е пресметано и не сака да си прави непотребни проблеми.

БИК
Не плаќа карта од принцип. Неговиот темперамент не му дозволува да плати за да се вози во автобус кој е пред сé арена за борба и преживување, отколку превозно средство. Често ќе го начекате како се расправа со контролорите.

БЛИЗНАЦИ
Ако плати – платил. Ако не платил – никому ништо. Таков му е ставот и крај. Кога ќе го фатат без карта – тоа е, је*и га. Кога ќе го фатат со карта – ништо посебно. Мотото му е: „Ќе се снајдам“.

РАК
Нема карта, а се качува контрола… Ќе се расправа од петни жили за да го убеди цел автобус дека токму тој е жртвата во ситуацијата. Често и ќе му успее.

ЛАВ
Има месечна карта, ама кога ќе наиде контрола се расправа и вика додека не го остават на мира. Мора да се знае кој е кралот во сета таа џунгла.

ДЕВИЦА
Уредно плаќа карта, им се смешка на контролорите и се расправа со патниците што не плаќаат. Контролорите никогаш не би ја избркале од автобус. Патниците – не сме баш сигурни.

Прочитајте и:  Државен завод за ревизија: ЈСП „Скопје“ не е во состојба да обезбеди квалитетни и навремени услуги за граѓаните

ВАГА
Плаќа карта од принцип. Така е правилно. Ама знае и да им постави по некоја сопка на контролорите ако се премногу строги кон фатениот неплаќач.

ШКОРПИЈА
Шкорпијата е контролор, но во цивилка, со скриена легитимација во ракавот и спремност да ви ја пише најголемата можна казна. Ќе се појави и ќе исчезне како нинџа, уште пред да почне отровот да делува.

СТРЕЛЕЦ
Се бори за своите права, но од пристојна дистанца. Пред пријателите ќе се шверцува, но при првиот знак на контрола ќе купи и ќе ја откуца картата.

ЈАРЕЦ
Да плати карта? Никогаш! И не, тоа нема врска со тоа дека се противи на системот или некоја слична идеологија. Едноставно е циција. На првиот знак на контрола, тој ќе проба да се симне и ќе се прави како ништо да не се случило, па ако треба и пешќи ќе го изоди остатокот од патот.

ВОДОЛИЈА
Контролор си е контролор. Подобро е да си на страната која дава (казна) отколку на страната која прима (казна).

РИБИ
Никогаш не се шверцува, а секогаш заборава да понесе/купи/откуца карта… барем така тврди. Кога ќе ја фати контрола, ќе истакне дека е под стрес, дека целата ситуација е нефер и дека не заслужува казна. „Па зар и казна ќе ми пишете? Не ли пропатив доволно?“

- Реклама -