Јермак: Разговорите во Џеда ѝ нанесоа огромен удар на Русија

Шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак денеска изјави дека разговорите за мировно решение за Украина што се одржаа минатиот викенд во Саудиска Арабија и нанесоа „огромен удар“ на Русија.

Јермак на брифинг со новинарите во Киев рече дека сите земји кои беа присутни на преговорите во Џеда целосно ја поддржуваат независноста и територијалниот интегритет на Украина. Сепак, тој призна дека учесниците не постигнале договор за некои точки од украинската мировна формула, не сакајќи да прецизира за кои точки станува збор.

Според неговите зборови, за тие точки се уште се разговара, а учесниците биле ангажирани за изработка на рамковен документ кој би можел да биде усвоен на следниот мировен самит.

Прочитајте и:  Путин со обраќање до нацијата: Конфликтот доби глобален карактер

Јермак рече дека учесниците се договориле во рок од шест недели да се одржи нов состанок на политичките делегации. Повеќе од 40 земји, вклучително и Кина, Индија, САД и претставници на земјите-членки на ЕУ, но не и Русија, учествуваа на собирот во Џеда, кој беше протолкуван како обид на Киев да изгради поширока коалиција која ќе ја поддржи мировната визија на официјален Киев.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски промовираше сет од 10 принципи што ги смета како основа за мир и завршување на војната, вклучително и повлекување на сите руски трупи и враќање на целата украинска територија под контрола на официјален Киев.

МИА

- Реклама -